Во модуларната болница во Тетово, која вчера изгоре до темел, имало 26 пациенти, од кои засега, според обвинителство, има 14 жртви. Се уште не е позната возраста на настраданите лица во пожарот и во моментов се врши нивна идентификација во Институтот за судска медицина.
Меѓу настраданите нема медицински персонал, а неколкумина се со полесни повреди.
Извори од истрагата за „А1он“ тврдат дека не билe најдени никакви дефекти во електричната инсталација и се уште се утврдуваат причините за настанувањето на пожарот, кој се распламти за само неколку минути и го зафати целиот објект.
Преживеаните 12 пациенти се сместени во тетовската болница, односно ниту еден не е пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Владата во 10 часот ќе одржи седница на која единствена точка е вчерашниот пожар во Тетово. Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче се уште немаат излезено во јавност со изјави за медиумите.
Од Министерството за здравство преку соопштение изразија сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа.
„Министерството во текот на денот постојано ќе информира за сите нови детали околу случајот, апелираме до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан“, велат од Министерството.