Во Мариово се одржува „Mariovo off road experience“, се истражува Мелничката пештера

Од:

Денеска и утре во Мариово по 6-ти пат ќе се одржува аутдор фестивалот „Mariovo off road experience“. Организатори на фестивалот се здружението „Вело Европа“ од Скопје и општина Прилеп. Фестивалот освен турите со планински велосипедизам годинава ќе понуди и други новитети, меѓу кои влегување во пештери, искачување на неколку планински врвови и концерт на чалгискиот оркестар при МРТ.

Според Слободан Трајковски од Здружението „Вело Европа“ денеска во манастирот „Свети Илија“ во Мелница пристигнуаат околу 300 учесници.

– Имаме учесници од цела Македонија. Веќе по 6-ти пат се одржува Фестивалот. За да поттикнеме уште повеќе љубопитност да се доживее Мариово, освен велосипедските тури и планинарењето, годинава за прв пат од Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп спелеолозите водат ентузијасти од цела Македонија да им ја покажат и да ја доживеат мелничката Пештера, рече Трајкоски кај кампот поставен околу манастирот „Свети Илија“ кај Мелница, Мариово.

Денеска две групи со 20-ина ентузијасти ја посетија Мелничката пештера. Според Марјан Темовски од СК „Златоврв“ Мелничката пештера 1 е најголема хоризонтална пештера во регионот.

– Мелничката пештера ја откривме пред десеттина години и се уште се истражува. Долга е околу 700 метри. не може прецизно да се каже од кога датира, но е многу стара. Постара е од блиската пештера во Мариово која веќе е датирана од пред еден и пол милиони години. Необична е за другите пештери во карстните мариовски карпи. Таа е термална, нема класични сталактити и сталагнити, освен на влезот и се наоѓа на надморска височина од околу 850 метри. Ваквите термални пештери се ретки. На мало место се формирани неколку пештери од термални води. Има карактеристична морфологија, украсите се посебни, невообичаени и ова е лавиринтска пештера. Имаме сознанија за околу 500 пештери во Македонија, од кои триесеттина има во Мариово хоризонтални и пештери-пропаст. Најдлабоко во македонска пештера е влезено 650 метри во Словачка Јама на Караџица, вели Темовски.

Дарко Неданоски од СК „Златоврв“ од Прилеп единствениот македонски спелеолог кој се спуштил на длабочина од 866 метри веќе 20-ина пати бил во Мелничка пештера.

– Се чувствуваме овде како дома. Еве сакаме и другите да го доживеат она што ние го доживуваме истражувајќи и влегувајќи подлабоко, вели Неданоски.

Единствената жена обучена за спасување во пештери Александра Славкоска од СК „Златоврв“ препорачува секогаш да се следат инструкциите на водичите.

– Мора да се следат водичите, да се внимава каде се гази и да не се уништуваат пештерските украси, вели Славкоска.

Ентузијасти-спелеолози при денешното истражување на Мелничка пештера имаше од повеќе краишта на Македонија.

Инаку, во рамките на Фестивалот, вечер во 20 часот е концертот на чалгискиот оркестар при МРТ.

Според организаторот, здружението „Вело Европа“ од Скопје главни активности, како и претходните години ќе бидат планинските велосипедски тури. Утре ќе има две тури, едната долга 50, а другата 30 км. Учесниците на подолгата тура ќе стартуваат во 10 часот од манастирот „Свети Илија“ во Мелница, а ќе продолжат кон Бешиште, Сатока, Градешница и преку Зовиќ и селото Манастир повторно завршуваат во манастирот Свети Илија во Мелница. Малата тура ги посетува селата Витолиште, Полчиште, Бешиште и повторно се враќа во Мелница. Предвидени се и мали предавања за истражувањата кои во изминатиов период се правеле во Мариово.

Би можело да ве интересира

Прилеп ќе ги награди пожарникарите за пожртвуваноста за справување со големиот пожар во Мариово

Пожарот во Мариово е ставен под контрола

Се проширува пожарот во Мариово

Горан Наумовски

Двочасовна блокада на патот Прилеп-Витолиште и протест поради негрижата за Мариово

Пронајдени две семејства од странство кои се загубиле во мариовско

Катерина Ѓуровски

Исчезнато 10-годишно дете во Мариово

А1он