Услугата за електронски избор или промена на матичен лекар преку веб порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија во мај ја искористиле 60.929 осигуреници.
Според последните анализи спроведени во ФЗОМ, наведуваат оттаму, искористеноста на оваа услуга достигнува над 97 отсто, каде само за мај спроведени се вкупно 60.929 пријави односно 174.858 пријави за периодот март-мај. Како споредба за овој период спроведени се само 5.562 рачни пријави.
Со воведување на оваа услуга, како што се посочува, на осигурениците им беше овозможено електронска пријава или промена на избран лекар која претставува брза и едноставна процедура преку која веднаш го остваруваат своето право, а за избраните лекари дополнителна алатка за следење на своите пациенти како и изготвување на дополнителни анализи за свои потреби.
Преку воведување на електронските услуги, ФЗОМ на освоите осигуреници им овозможи 24/7 шалтерска услуга преку која можат да ги остварат своите права, а со тоа успеа да ја намали гужвата и нервозата пред шалтерите во своите подрачни служби. Фондот за здравствено осигурување продолжува и понатаму активно да работи со цел да се доближи до своите осигуреници и да им го олесни оставарувањето на нивните права, соопшти Фондот.
Како една од главните алки во здравствениот систем од почетокот на 2012 година, Фондот, наведуваат оттаму, интензивно работеше усовршување и унапредување на услугите кои може да ги пружи на своите осигуреници.
Со воспоставување на новиот централизиран информатички систем во сите 30 подрачни служби, Фондот покажа дека цврсто чекори кон новите предизвици наложени од широката експанзија на информатичката и телекомуникациската ера. Електронските услуги кои ФЗОМ преку веб порталот ги овозможи придонесоа за олеснување на административната работа на осигурениците, избраните лекари и правните лица како и на работата во подрачните служби, а со тоа Фондот стана една од водечките институции во Република Македонија со својата транспарентност и напредок во информатичката технологија, стои во соопштението.