Во Парламентот на Канада е регистрирана Пратеничката група за пријателство со Македонија, информират од Амбасадата на Република Македонија во Отава.
– Регистрацијата на Македонската група се случи по историскиот конститутивен состанок, на кој присуствуваат врвни имиња на канадската политика и парламентарна демократија. Македонската група стартува со дваесет членови од трите национални политички партии на Канада, вклучувајќи Парламентарни секретари, сенатори, поранешни министри, и раководствата на Европско-канадската и Американско-канадската група во парламентот, стои во соопштението од Амбасадата.
Канадско-Македонската парламентарна група во официјалниот регистер на асоцијации и пријателски групи во Парламентот на Канада беше впишана на 6. март 2013 година, од страна на претседателот Владислау Лизон и потпретседателот Брајан Меси. На 5. март во Историската сала „Реилвеј“ на Централниот блок на Парламент Хил беше одржана конститутивната седница на Македонската група, која со своите дваесет членови и реномирано раководство стана една од највлијателните групи за пријателство од Источна Европа.
Претседавач на конститутивната седница на Парламентарната група за пријателство со Република Македонија беше досегашниот претседател на Парламентарната група за НАТО во Парламентот и претседател на канадскиот Комитет за национални ресурси, Леон Беноа, кој го нагласи придонесот на Република Македонија во операциите на НАТО и постигањата во процесот на интеграција во НАТО алијансата.
Беноа го нагласи значењето и многудимензионалноста на канадско-македонските односи и се заблагодари на Амбасадата на Република Македонија за залагањата и поддршката на парламентарната соработка на двете земји.
Претседавачот Беноа го покани македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски да се обрати во името на Република Македонија на историскиот чин за канадско-македонската парламентарна соработка.
Од Амбасадата информираат дека македонскиот амбасадор Тевдовски ги поздравил канадските пратеници, нагласувајќи дека, македонската држава и македонскиот народ високо ги вреднуваат нивното пријателство и пријателството на Канада. – Формирањето на Македонската група во Парламентот на Канада е историски чекор за растечките билатерални односи, кои се базирани на заедничките вредности, солидарноста и меѓусебната поддршка на двата народа, како и децениската посветеност на двесте илјади канадски и македонски патриоти, истакна амбасадорот Тевдовски.
Амбасадорот им се заблагодарил на сите присутни пратеници за изразеното пријателство и поддршка на Република Македонија, особено нагласувајќи ја улогата на Парламентарниот секретар за меѓународна соработка Лоис Браун, и пратеничката Александрин Латендрес, која ја промовираше иницијативата помеѓу франкофоните пратеници во парламентот.
-Македонската група со свој говор ја поздрави и Дејвид Тилсон, претседател на Групата за соработка со Европската Унија во канадскиот парламент. Авторитетниот Тилсон го изрази своето особено задоволство што учествува во работата на Македонската група, јавно го нагласи напредокот на Македонија и презеде обврска за личен ангажман во развојот на македонско-канадските односи, стои во соопштението на Амбасадата.
На конститутивната седница, по изгласувањето на статутот на Групата, за нов претседавач беше избран Владислау Лизон, а избрани и три потпретседатели на групата од Конзервативната, Либералната и Новата Демократска партија.
Прв потпретседател на Македонската група е пратеникот Брајан Меси, кој во исто време е и потпретседател на најмоќната група за пријателство со Соединетите Американски Држави во Канадскиот парламент. Втор потпретседател е еден од најавторитетните канадски пратеници, поранешниот министер за одбрана на Канада, повеќекратен министер и парламентарен секретар во повеќе ресори од опозициската Либерална партија, Џон МекКалам, а потпретседател од Конзервативната партија ќе биде пратеникот Џеф Ватсон.
За директори и членови на Извршниот одбор на Македонската група во Канадскиот парламент беа изгласани Парламентарниот секретар за Мултикултурализам, Чунгсен Ленг, потпретседателот на Канадскиот комитет за културно наследство и опозиционен спикер за култура, Скот Симс и Претседателот на Канадско-Украинската група во парламентот, Тед Опитц. Горниот дом на Парламентот, Канадскиот Сенат, во Извршниот Одбор на Македонската група за пријателство ќе биде претставен од еден од најискусните сенатори, поранешен министер и близок соработник на влијателните канадски премиери Трудо и Кретјен, Сенаторот Дејвид Смит.
Писмо со благодарност до претседателот Лизон, испрати претседателот на најголемата македонската организација во Канада „Обединети Македонци“, Мендо Бакаловски.
Амбасадата на Република Македонија ја информирала македонската заедница во Канада за историскиот успех за Македонија и македонскиот народ во Канада, а повеќе Македонци од Канада напишале писма за благодарност до своите претставници во Парламентот.