Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН во разговорите меѓу Грција и Македонија Метју Нимиц во Њујорк имаше одвоени средби со преговарачите од двете земји, амбасадорите Адамантиос Василакис и Зоран Јолевски.
Ова е засега единствената информација во Грција за вчерашните одвоени средби во Њујорк, јави допсиникот на МИА од Атина.
Во најавите за денешната заедничка средба се цитира само неодамнешното соопштение на ОН дека целта е да продолжат разговорите за да се изнајде взаемно прифатливо решение за прашањето за името.
По последните средби во Њујорк во јануари годинава, информациите во Грција за средбите во Њујорк беа дека на состаноците „немало ништо конкретно“ и оти било разговарано за „тешки прашања“ и за „суштината на проблемот“. Грчки дипломатски извори тогаш тврдеа дека медијаторот на поединечните состаноци и на заедничката средба не претставил нови елементи и неговите позиции се движеле во веќе познатите рамки.
Нимиц по јануарската заедничка средба со Јолевски и Василакис изјави дека имал конструктивен состанок на кој се разговарало за суштината на прашањето. Тој рече дека позициите на двете земји се кристализирале и подвлече дека двете страни напорно работат за да се утврди дали може да се постигне договор.