Гласањето на македонските граѓани во Белград, Србија, се одвива непречено, без никакви проблеми. До 12 часот излезеноста е една третина од вкупниот број запишани граѓани во посебниот извод на избирачкиот список во Амбасадата на Република Македонија.
Во посебниот извод на избирачкиот список, како што јави дописникот на МИА, има вкупно 24 македонски државјани кои го остваруваат своето граѓанско право на гласачкото место 5025 во Белград.
– Гласачкото место 5025 беше отворено на време, во 7 часот. До 12 часот имаме излезеност од една третина од гласачите. Гласањето тече непречено и без никакви проблеми, изјави Александар Поповски, претседател на изборниот одбор во ДКП Белград.
Македонските државјани во Србија по трет пат го остваруваат гласачкото право, а за прв пат на референдумско изјаснување. Во претходните изборни циклуси бројот на пријавени македонски државјани за парламентарните и за претседателските избори во 2014-та година изнесуваше 421, односно 392 гласачи.
Причините за малиот број на пријавените гласачи во Србија се повеќе, но според бројот на македонските државјани кои деновиве ја контактираа македонската амбасада во Белград, бројот на не информираните гласачи е многу поголем.
– Имаме примери на граѓани кои дојдоа на гласање на ова гласачко место, но поради испуштениот рок на пријавување не можеа да го остварат своето гласачко право во ДКП Белград и затоа беа упатувани своето гласачко право да го остварат во Република Македонија, изјави Поповски.
Според изборните правила, гласачите на прстот беа обележани со невидлив спреј, а пред влегувањето во просторијата беа проверувани со УВ-лампа.
– Референдумот очекувам да го реши повеќегодишниот проблем меѓу Македонија и Грција и да ни биде многу подобро, изјави Славе Груевски од Горни Милановац.
Гласањето во ДКП Белград се одвива мирно и непречено, а гласачкото место се затвора во 19 часот.