ВМРО – Народна партија реагира на игнорантскиот однос на државното јавно претпријатие “Македонија пат” во одржувањето на магистралниот меѓународен пат кон соседна Република Албанија.
Во соопштението од партијата се наведува дека „во пределот од населбата Рача до населбата Св. Стефан, околу патот и измеѓу коловозите во двете насоки, должината на тревата веќе се мери со метри. Со тоа се загрозува безбедноста, не само на возачите на автомобилите, туку и на пешаците кои во тој дел го користат патот за премин од една на друга страна“.
Од ВМРО-Народна сметаат дека покрај безбедноста пред претстојната туристичка сезона, е нарушен е изгледот на градот, пред се поради тоа што патот кој води до сите плажи во Охрид, е пат по кој поминуваат сите туристи кои доаѓаат во Охрид, но и пат по кој се движат странски државјани кои проаѓаат низ Македонија и се упатуваат кон Република Албанија.
„Се прашуваме зошто Владата не го стави ова во пропагандните реклами околу “ендемските видови” кои се занимаваат со туризам?! Почитувани претсавници од владеачката гарнитура, и вие сте лицето на нашата земја. Нели од туризмот сите добиваме?!
Апелираме до државното јавно претпријатие “Македонија пат”, но и до општинскиот комитет на ДПМНЕ во Охрид со кадрите кои ги има поставено во тоа јавно претпријатие, во најбрз можен рок да се среди тој дел од патот, но и постојано да се одржува површината. Владата на Љубчо Георгиевски го изгради тој пат, каде хаосот во сообраќајот кој се правеше комплетно исчезна. Сега кога вие сте на власт, од вас се бара само да го одржувате. Се надеваме дека барем за тоа сте способни“, пишува во соопштението од ВМРО-Народна.