ВМРО-Народна партија упати честитка до владата, поради како што велат оттаму, „големата објава во емисијата Јади Бурек, дека дефинитивно е пронајден гробот на Александар Македонски“.
„Оваа информација е вистинско освежување во пресрет на одржувањето на самитот на ЕУ и сигурниот пораз кој нè очекува во однос на нашите евроатлантски интеграции. ВМРО-Народна партија се надева дека владата успешно ќе ја пресретне оваа информација и во наредните 4 години активно ќе се посвети на овој проект“, велат од партијата.
Оттаму додаваат дека откривањето на гробот на Александар Македонски во Узбекистан, како што било соопштено, претставува голема информација која не смее да се занемари и побараа субвенционирање на патувањата до Узбекистан.
„На овој начин ќе се отпочне со една нова традиција на аџилак преку кој ќе се зацврстат нашите прави корени и идентитет, а истовремено ќе се продлабочат и релациите со неколкумината жители од селото кои го чуваат и се грижат за истиот гроб. Дефинитивното, откривање на гробот на Александар Македонски, владата на Република Македонија мора правилно да го искористи за конечно да му покажеме на светот кои сме ние“, додаваат од ВМРО-Народна.