„Одличен гест е што градоначалникот Жерновски го следи примерот на ВМРО-ДПМНЕ за отчетност пред граѓаните, но мора да му напоменеме дека отчетот не смее да биде фрлање на десетици и десетици илјади евра, а внатре да е празен без ниту еден сериозен реализиран проект.
Андреј Жерновски како што го започна неговиот мандат, така и го заврши – со плачење пред граѓаните.
Зошто плаче Андреј?
За да ја затскрие неговата неспособност и нереализирани ветувања од позиција на градоначалник на општина Центар.
Во неговата програма која ја претстави пред граѓаните, вети многу работи.
Вети многу пред 4 години, а сега после 4 години гледаме дека многу работи останаа само ветување.
Во неговата програма, на страница бр. 5, јавно вети пред граѓаните дека веднаш ќе пристапи кон ревизија на веќе донесените детални урбанистички планови на оние локации каде има бројни и сериозни забелешки од граѓаните.
За негов мандат од 4 години во општина Центар не е изгласан и донесен НИТУ ЕДЕН нов детален урбанистички план.
Денес, општина Центар има потполно исти урбанистички планови на сила кои се донесени пред негово доаѓање на власт во Центар.
Во неговата програма, на страница бр. 5 јавно се обврза дека ќе спроведе гасификација на општина Центар во две фази. Во втора фаза вети дека ќе се приклучат колективни станбени згради. Сакаме јавно да прашаме, да се јави некој од Центар и да се пофали дека во неговиот дом има спроведено гасификација што ја вети Жерновски.
Во неговата програма, на страница бр. 6 јавно вети дека ќе реконструира и ќе изгради јавно осветлување во вкупна должина од 26 км. Не само што не го реализира ветеното, туку во одредени населби и таму каде има поставено инсталација и каде има осветлување, сега е мрачно поради неодржување на инсталацијата.
Во неговата програма, на страница бр. 9 јавно го вети следново:
– Обезбедување на редовен преглед на одржувањето на лифтовите во колективните станбени згради;
– Обезбедување функционални противпожарни апарати во влезовите во колективните станбени згради;
– Надворешно осветлување на влезовите во колективните станбени згради;
– Осветлување на поголемите паркинзи во општината;
– Обезбедување на видео надзор на поголемите паркинзи во општината;
– Изградба на безбедни училишни премини на сообраќајниците во непосредна близина на градинките и училиштата;
– Обезбедување на персонал за безбедено преминување на учениците и нивните родители, во соодветните термини пред почетокот и по завршетокот на наставата, на сообраќајниците во непосредна близина на градинките и основните училишта.
НИШТО ОД ОВА НЕ Е СРАБОТЕНО.
Во неговата програма, на страница бр. 12 јавно го вети следново:
– Целосно уредување на сите училишни дворови;
– Целосно осветлување на сите училишни дворови;
– Бесплатна чаша млеко или парче овошје за секој ученик во општината;
– Субвенционирани спортски курсеви за заинтересираните ученици во повеќе популарни спортови;
– Обновување и оживување на секциите во основните училишта со вклучување и на дополнителен воннаставен кадар.
Сега, после 4 години, ниту дворови се уредени, ниту капка бесплатно млеко не е доставено, ниту другите работи.
Во неговата програма, на страница бр. 18 јавно го вети следново:
– Енергетско ефикасни фасади на сите училишта и градинки;
– Замена на прозорите во сите градинки и училишта;
– Набавка и монтажа на соларни панели за сите детски градинки;
– Комплетно штедливо јавно осветлување.
Реализација на горенаведеното е еднакво на НУЛА.
Ова е четиригодишниот мандат на Жерновски.
Граѓаните на општина Центар ќе имаат одлична можност во октомври да му став крај на ова негово неработништво“, изјави Елена Петковска, советник во Општина Центар.