По повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, денеска претседателот Ѓорге Иванов прими претставници на влашката заедница во Република Македонија.
На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот Иванов, гостите го информирале за состојбата со остварувањата на правата на Власите во Република Македонија, како и за досегашните, актуелните и планираните активности на влашката заедница на полето на промовирање на влашкиот јазик, култура, историја и традиција.
Истакнувајќи дека Власите се уставно признати и општествено ценети, претседателот Иванов подвлекол дека Република Македонија, како мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска демократија ги обезбедува неопходните услови за зачувување и промовирање на влашкиот идентитет и тие треба соодветно да се искористат.
Претставниците на влашката заедница во Република Македонија истакнале дека Република Македонија претставува пример како треба да се гради мултикултурноста, мултиконфесионалноста и мултијазичноста, за подобра иднина на целиот регион.