Владина делегација предводена од премиерот Заев на разговори во Софија во обид за деблокирање на евроинтеграцискиот процес

Од:

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Софија. Целта на посетата е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.

Од владината прес-служба соопштија дека премиерот и владината делегација ќе остварат работни средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во земјата.

Посетата на премиерот Заев и македонската делегација на Софија се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.

Премиерот Заев вчера беше дециден дека за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и оти тие воопшто не се на маса. Северна Македонија и Бугарија разговараат за предлогот што доаѓа од Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, што, според него, апсолутно води грижа за нашиот македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции. Португалскиот предлог, оцени Заев, навистина е инвентивно и креативно решение за кое што вреди да се потрудиме.

– Притоа работните групи имаат соодветно постигање на патната карта на која што е утврдена секторската соработка на сите нивоа со конкретни – пет месеци, три месеци, шест месеци, година дена континуирано или слично и со интензитетот на закажување на историската комисија. Тоа се сериозни успеси коишто досега се постигнати. И јас верувам дека треба да им дадеме шанса на конечно изнаоѓање на решение, рече Заев.

За посетата на Софија тој вели дека е должен прво на граѓаните да им ги каже своите лични очекувања, бидејќи не сака ниту за себе, ниту за народот да ги зголемува очекувањата повеќе од тоа што е реално.

– Зошто е реално? Заради тоа што во Бугарија нема ниту Парламент, ниту има политичка влада. Фала богу има желба за разговор и затоа ќе ја искористиме таа желба за разговори од страна на бугарската влада и ние ќе ја направиме посетата на Бугарија каде што ќе се видиме и со лидерите на повеќе политички партии, најголемите… Се надевам тие ќе го прифатат тоа, а ќе се видиме и со премиерот и со претседателот на државата и сите важни носители на одговорните функции, рече Заев.

Португалскиот предлог го оцени како навистина квалитетен, како за нас, така и за Бугарија и оти води грижа за двете страни.

– Наша официјална позиција е дека е добра основа за постигнување на решение и бугарската официјална позиција е дека е добра основа за постигнување решение. Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада, оцени премиерот Заев.

Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22 јуни одосно 24 и 25 јуни кога се одржува Европскиот совет. На 6 октомври, посочи Заев, е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за нас.

– Потврдивме дека заслуживме и повеќе од тоа, туку како што реков повеќе од јасно е дека ЕУ се чувствува должна затоа што не испорачала, ние испорачавме се. Ние ја крепиме агендата на борбата против сите, би ги нарекол, меморандуми за промена на граници или етнички територии токму преку Северна Македонија и нашето едно општество за сите и мултиетничка, мултирелигиозна функционална демократија и сме пример на европскиот континент за тоа. Пример сме и преку европскиот начин на решавање на проблемите во регионот. Пример, најдобри сме и во реформите и тоа како нашиот народ заслужил да добие прва меѓувладина конференција која што реков дека е само получекор во нашиот пат кон европската интеграција, истакна Заев.

Коментирајќи ги обвинувањата од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Заев рече дека исти такви обвинувања имаше дека преку Преспанскиот договор ќе го изгубиме идентитетот.

– Ќе прашам јавно, зарем е можно изгубен идентитет повторно да го изгубиме? Тој ниту бил изгубен, ниту ќе се изгуби. Изгубен е веројатно Мицкоски и ако некој го пронајде нека го врати во ВМРО-ДПМНЕ ама не верувам дека и таму ќе биде нешто од помош, одговори Заев.

Пред посетата на Софија, Заев го поздрави бугарскиот народ и нивните сегашни и идни лидери кои, како што рече, секогаш во првите реченици на сите нивни соопштенија стои Бугарија останува посветена на интеграциите во ЕУ на Република Северна Македонија, што е добро.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера во обраќање на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, потенцира дека земјава е подготвена на искрени разговори со добра волја за постигнување на взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси, посочувајќи дека процесот е сложен и дека немањето политичка влада во Софија е сериозна пречка, поради што не сака да ги подига очекувањата на граѓаните.

– Важно е да се нагласат следните факти и состојби. Прво – идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка посебност, Македонците, не се и не може да бидат на масата на преговори. Второ – сметаме дека предлогот на португалското претседателство претставува добра основа за преговори. Трето – настојуваме да се одржи втората меѓувладина седница меѓу двете држави од која треба да излезе соодветен протокол, а од него и акциски план, кој што треба да премине во патоказ. Четврто – комуникацијата се остварува на различни нивоа со цел да се засили целокупниот билатерален дијалог. Петто – целта е заедничка, одржување на првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ, нагласи Османи, кој се обрати на македонски јазик, посочувајќи дека тоа го прави поради загриженоста на македонските граѓани..

И да не се усвои преговарачката рамка во јуни, како што посочи Османи, веќе е создаден доволно јасен терен со сензибилизација на нашите стратешки партнери и сите земји членки во ЕУ и напорите ќе продолжат веднаш по бугарските избори во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ.

– Нашата стратегија е да не дозволиме да се изгуби драгоцено време и подготвени сме на искрени разговори со добра волја за постигнување на взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси. Без разлика на предизвиците ние продолжува со нашите напори на сите ниво, истакна Османи.

Пред почетокот на седницата на бугарската Влада, вчера изјава даде и бугарскиот премиер Стефан Јанев.

– Прашањата што ќе бидат разгледани се од исклучителна важност и за двете страни, истакна премиерот Јанев.

Тој изрази надеж дека практичните чекори што можат да се преземат меѓу владите на Бугарија и Северна Македонија подоцна може да се рефлектираат во позиција што ќе биде разгледана во новиот бугарски Парламент и да се бара трајно решение, што ќе биде во интерес на европската интеграција и перспективата на сите земји од Западен Балкан.

По седницата, бугарското Министерство за надворешни работи, информира дека Владата на Бугарија ја одобри позицијата за учество на состанокот на Советот за општи работи, што ќе се одржи на 22 јуни 2021 година во Луксембург.

Во однос на Северна Македонија, како што јави дописникот на МИА од Софија, во делот за политиката на проширување на ЕУ и европската перспектива на земјава во позицијата усвоена од бугарската Влада се вели дека земјата се придржува до Декларацијата на бугарското Собрание од 10 октомври 2019 година и рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија, усвоена на 9 октомври 2019 година.

Позицијата на Бугарија во врска со преговарачката рамка и одржувањето на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот од 2017 година, кои во моментов не постојат.

Во ставот на бугарското МНР, се наведува и дека не се исполнети условите за одржување на меѓувладината конференција, но се нагласува дека, во исто време Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за градење доверба и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог.

Поранешниот бугарски заменик-министер за надоворешни работи и поранешен амбасадор во Лондон Љубомир Ќучуков, вели дека Бугарија поради блокадата на Северна Македонија ја изгубила цела предност на земја-членка на ЕУ, и се изолирала како во НАТО и ЕУ, така и на Балканот.

Во авторски коментар за бугарскиот портал „Епицентар“, Ќучуков вели дека поради тоа Бугарија е подложена на политички притисок од сите страни – од САД поради геополитички причини за да не се создаваат тензии на Западен Балкан кои отвораат дополнителен простор за влијание од Русија и Кина, од ЕУ, заради тоа што на тој начин се компромитира политиката на проширување на ЕУ кон регионот.

-Бугарија е изолирана дури и од Албанија, бидејќи на тој начин се одложува и нејзиниот почеток на преговори за членство. Дури и Грција успеа да стане пријател на Република Северна Македонија, а Франција, која во принцип е против проширувањето на ЕУ, сега тврди дека ја подрржува Северна Македонија, вели Ќучуков.

Според него, Бугарија успешно се втурнала во стапица. Наспроти општоприфатеното мислење, Бугарија, вели тој, е таа која најмногу изгуби поради блокадата на С Македонија, како на меѓународен план, така и во билатералните односи.

Би можело да ве интересира

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

Орце Костов

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

Орце Костов

Нова провокација во клучен момент – Бугарското МНР за реакциите во земјава за децата од „Мал битолски Монмартр“

Катерина Ѓуровски

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Бербок: Договорената промена на Уставот да не се користи во натпреварот за популарност или да добивка на изборите