Владина делегација положи цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот

Од:

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, во придружба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-министерот за образование Агим Нухиу, денеска, по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот на гробиштата Бутел.

Годинава се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес што се случи во Скопје на 26 јули, 1963 година. Во земјотресот градот загуби многу сограѓани, претрпе ненадоместлива штета, но ја извојува битката со најголемата природна катастрофа.

На денешен ден оддаваме должна почит кон жртвите во земјотресот и изразуваме огромна благодарност на сите од целиот свет кои помогнаа градот повторно да биде обновен и да заживее со нов лик.

Скопје стана град на солидарноста, препознатлив по тоа што ги обедини светските пораки на сочувство и споделување со болката и загубата на нашите сограѓани.

Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и Претседателот на Република Северна Македонија, делегации од Собранието на Република Северна Македонија и од Градот Скопје, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.

По повод 26 јули, денот на сеќавањето на катастрофалниот земјотрес, Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија денеска организираат мултимедијална програма симболично насловена „Скопје во пет и седумнаесет“, со која преку низа културни настани ќе се одбележат спомените на последиците од катастрофалниот земјотрес.

Би можело да ве интересира

Скопје одбележува 61 година од катастрофалниот земјотрес

„Скопје на новата генерација“ се подготвува за главниот настан

Скопски урбани приказни – во 5 и 17

(ВИДЕО) Ова се најризичните згради во Скопје за земјотрес – Живеете ли во безбеден објект?

Владина делегација положи свежо цвеќе на споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје