До крајот на септември ќе заседава Светиот синод на Македонската православна црква, но тоа ќе биде редовна седница, а не свикана посебно за случајот со протераниот руски свештеник.
Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Светиот синод, владиката Тимотеј за „А1он“ рече дека највисокото тело на Црквата не е запознаено со овој случај.
– Кажете ми вие што знаете за овој случај, ние немаме информации и затоа не може коментираме. Ако добиеме некоја информација за тоа, ќе се разгледа на следниот собир на Синодот, но нема да го свикаме специјално поради некои шпекулации во јавноста – истакна владиката Тимотеј за „А1он“.
Рускиот архимандрит е на списокот на македонското МНР со уште тројца руски дипломати кои се протерани од Македонија. Освен Змеев, останете прогонети се И. Хропјачков, А. Рождественски и аташето С. Попов, кои беа прогласени за виновни за несоодветни дипломатски дејствија.
„ Ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за преземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението за јавноста на МНР.
Змеев е црковен претставник на Московската патријаршија кој имал улога на координатор на Балканот за руските црковни политики, посебно во Бугарија и во Македонија. Змеев од крајот на ноември минатата година е назначен од рускиот патријарх Кирил за одговорен за македонската црква. Наводно, Змеев ја координирал целата политика на МПЦ-ОА во однос на нејзината црковна дипломатија.
Две недели пред одлуката на МНР, претседателот Стево Пендаровски откри дека безбедносните служби добиле информации од партнерските служби дека припадници на Светиот Синод на Македонската православна црква работат во корист на руските тајни служби, но не наведе конкретни имиња.