Проекти и мерки реализираа во изминатиот период Владата и Министерството за здравство. Продолжуваме посветено да работиме на унапредување на здравствениот систем и на креирање активно здравство. Нашата визија за активно здравство е систем што однапред планира, ги решава проблемите и ги мери резултатите. Продолжуваме со поддршка од Владата заеднички да ги спроведуваме новите мерки и реформи во областа на здравството, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција по повод одбележувањето една година од работата на Владата.
Посочи дека како Влада реализирале значајно зголемување на платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува 6.200 денари.
– Го решивме долгогодишниот недефиниран статус на приватните специјализанти. Врз основа на донесената одлука на Влада за вработување 600 приватни специјализанти (300+300), веќе привршува реализацијата на првата фаза и во најголем дел од установите е завршена процедурата за вработување 300 млади специјализанти во јавните здравствени установи во државата. Веќе ја почнавме реализацијата и на втората фаза за следните 300 специјализанти, минатата недела на веб страната на Министерството беше објавен повикот за изразување интерес на специјализантите за вработување, истакна Алиу.
Првпат после повеќе од 10 години, посочи министерот, е ажурирана позитивната листа на лекови, за девет нови генерички лекови, односно 87 лека во различни форми.
Потенцира дека отвориле и дигитална алатка за пријавување неправилности и продолжуваат активно да се залагаат за инфраструктурно унапредување на јавните здравствени установи.
-На Клиника за гинекологија во тек е комплетна реконструкција на лаборатории, амбуланти и специјалистички кабинети. Реконструкцијата е во износ од 29 милиони, се очекува да биде завршена до крајот на годината. Отпочната е комплетна и темелна реконструкција на КАРИЛ која е прва од овој тип досега од основањето на Клиничкиот центар, на Инфективната клиника е извршено комплетно реновирање на првиот кат со интензивна нега – инвестиција во вредност од 1,5 милиони евра, на Хируршките клиники пуштена е во употреба новата компресорска станица со три компресори и извршено е целосно реновирање на Универзитетската клиника за психијатрија, реконструкција на Клиничка болница Тетово и на повеќе одделенија во Општа болница во Гостивар, рече Алиу.
Во наредниот период, како што појасни, ќе бидат фокусирани и на реконструкцијата на Градската општа болница „8 Септември“, а инвестирањето во болничката инфраструктура не се однесува само на операционите сали или медицинската опрема.
-Почнавме процес кој ќе резултира со функционално решение на паркингот на Клиничкиот центар, затоа што болниците треба да бидат места на грижа, не на фрустрација уште од влезната рампа. Во континуитет ги осовременуваме јавните здравствени установи со нова медицинска опрема, меѓу кои во хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, во општите болници Велес и Прилеп, Клиника за очни болести, Општа болница Гостивар, Клиника за дигестивна хирургија. Во поликлиника Идадија има нов апарат за магнетна резонанца со кој овозможуваме поголема достапност за пациентите до потребните дијагностичките процедури. Исто така, континуирано работиме на воведување новини во областа на трансплантација, а особено зајакнување на знаењата и вештините на кадарот, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата, рече Алиу.
По трагичниот настан во Кочани, не застанавме на сочувството, истакна Алиу и појасни дека почнале постапка за изградба на модерен и иновативен центар за развивање креативни идеи кој ќе биде посветен на младите, на психосоцијалната поддршка и на заедницата.
-Во тек се процеси на градење на активно и дигитално здравство наместо бирократско функционирање. Дигитализацијата не е технолошки луксуз, туку предуслов за правично, ефикасно и отчетно здравство. Затоа започнавме со подготовка за измена на 12 основни закони од здравствениот систем. Секој закон ќе биде третиран од посебна експертска работна група, затоа што модерно здравство не се гради со импровизации, туку со прецизни, системски правила. Министерството за здравство веќе активно работи на системот базиран на петте столбa, со цел да го трансформираме здравството во стабилен и политички независен здравствен систем, а посебен фокус ставаме на дигитализацијата како темел на здравствен систем базиран на реални податоци, додаде Алиу.