Владата не гледа ништо спорно во набавката на софтверот на Рашковски

Од:

Софтверот за сообраќај е набавен низ регуларна јавна набавка, авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавни набавки, соопштија вечерва од Владата откако Антикорупциската комисија денеска отвори предмет за случајот и најави дека ќе ја истражува спорната набавка вредна 81.000 евра, која ја потпишал поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Рашковски, според документите за набавката, лани набавил софтвер за видеонадзор, кој претходно самиот го развил. Од Министерството за внатрешни работи велат дека нема потреба од софтверот за сообраќајни прекршоци за кој набавката ја потпишал Рашковски. Софтверот и по осум месеци откако е испорачан, не е во функција, а според Рашковски, тој требало да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР наводно планирало да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор.

Од Владата вечерва тврдат дека при набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес.

„Владата при набавка на авторски дела, како на пример набавка за изработка на софтверски решенија, секогаш има обврска да осигура дека добавувачот, заедно со предаденото авторско дело ги предава сите авторски или индустриски права на договорниот орган и во овој случај таа обврска е испочитувана во целост. Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки.

Владата работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, без разлика за која набавка станува збор,“ се вели во владиното соопштение.

„Затоа, ги повикуваме надлежните институции, вклучително и ДКСК да ги извршат сите неопходни проверки вклучително и тоа дали при обезбедувањето на овој софтвер и на авторските права за овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес.

Софтверот, изработен од „ФИНКИ“ и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „ИНВОКА ГРОУП“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила.

Набавката на софтверот за контрола на просечната брзина на возилата во сообраќајот е спроведена со сите детални процедури низ отворена и јавна тендерска постапка во која заради повеќе учесници односно наддавање од три компании, предвидениот буџет за проектот од 8 милиони, е намален на околу 5 милиони денари.

Извршено е тестирање на софтверот при што констатирано е дека е целосно функционален и ефикасен, а за тестирањето на софтверот имало претходни известувања од службите на Генералниот секретаријат на Владата до Министерството за внатрешни работи односно до Бирото за јавна безбедност,“ велат од „Илинденска“.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов