Владата му замерува на Пауновски бидејќи не ја променил систематизацијата за да прими 32 „рамковни“ во Пазарна

Од:

Владата и натаму тврди дека директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, не е во право што одбива да ги вработи „рамковните“ административци во институцијата со која раководи. Тие посочуваат дека со распределба на овие работници, од кои дел и по цела деценија не одеа на работа, се решава проблемот, без финансиски импликации врз буџетот бидејќи за нив веќе има одвоено и средства за плати.

„Директорот на  Државниот пазарен инспекторат беше писмено известен за сите детали и информации во врска со оправданоста и начинот на распределбата и за тоа дека не ја почитува законската обврска, односно дека во законскиот рок не го прилагодил актот за систематизација на работни места во оваа институција што е дел од постапката за мобилност преку преземање на дел од не распоредените административни службеници. Почитувањето на законите и утврдните постапки врз основа на законските одредби се темел на кој се заснова политиката на оваа влада. Тоа е обврска за сите што се дел од институциите, особено за носителите на одговорни раководни функции“, велат од Владата.

Од Владата го преку соопштение го објаснуваат и начинот на распоредување на „рамковните административци. Велат дека распоредувањето е на работно место на исто ниво, за кое административецот ги исполнува општите и посебните услови утврдени со актот на систематизација во институцијата во која се распоредува или презема.

„Сите институции имаа целосен и детален увид во планот за распределба кој содржи податоци за сите вработени кои треба да бидат преземени и распоредени, податоци за нивото на работното место на тековното вработување, податоци за стекнатото образование, како и називот на институцијата во која се презема вработениот. Според планот, ДПИ треба да преземе 32 вработени, од кои 29 на работно место помлад соработник и тројца на работно место помлад референт. При изготвувањето на Планот, Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците го имаше во предвид фактот дека видот на образование на вработениот кој се презема треба да биде соодветен на надлежноста на институција во која се презема, односно да ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот на систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува, односно се презема. Членот 12 ги утврдува условите за инспектор и определува дека инспекторот треба да има завршено образование од соодветната област што се докажува со уверение“, објаснуваат од Владата.

Владата убедува дека лицата кои треба да почнат со работа во Пазарниот инспекторат, ги исполнуваат општите и посебните услови за да бидат административни службеници.

„Оттаму, од увидот во образовниот профил на лицата кои се опфатени во Планот за распределба е утврдено дека 24 вработени кои треба да бидат преземени на работни места од категорија помлад соработник, ги исполнуваат општите, посебните услови, односно условот видот на образование да биде соодветен на описот на работното место. Ова значи дека овие лица може да бидат преземени како административни службеници. Членот 5 од  Законот за преземање на административни службеници вработени преку K-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, е донесен во декември 2020 година, утврдува дека раководните лица во институциите, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање. Ова го прифатија 237 институции“, додаваат од Владата.

Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, кажа дека од прераспределени 35 административци, може да прифати само 12 од нив. За него, не беше прифатливо да ги земе сите прераспределени за да земаат плата, а да не работат.

Претходно, премиерот Зоран Заев кажа дека очекува да се разреши Стојко Пауновски, бидејќи смета дека има основ за тоа. Ова доаѓа откако претходно Пауновски одби да вработи 35 „рамковни“ административци, бидејќи сметаше дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата. На ова одговори Заев, кој јавно му испрати порака и му порача да не дава отпор. Пауновски отиде чекор понатаму и кажа дека е разочаран од изјавата на премиерот. Премиерот Заев смета дека Пауновски со изјавите го понижил него, но и Артан Груби како вицепремиер задолжен за прераспределба на рамковните вработени.

Освен вработените во Државниот пазарен инспекторат кои веќе кажаа дека застануваат зад директорот Пауновски, поддршка за него има и на социјалните мрежи каде се критикува чекорот на Владата и премиерот Заев. Зад Пауновски, според Котели, стои и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.

Би можело да ве интересира

ДПИ најави сузбивање на нелојалната конкуренција од нерегистрираните трговци

Ана Ололовска

Трајковски: Повеќе од 160 инспектори на терен, цените се намалени

Горан Наумовски

Анета Симеска Димоска именувана за в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат

Жарко Настоски

Заев за разрешувањето на Пауновски: Непочитувањето на етичкиот кодекс и инаетењето по медиуми не е одлика на добар директор

Габриела Димковиќ-Мишевска

Пауновски: Одбраната на интегритетот и професионалноста на институцијата не наидоа на разбирање од премиерот

Жарко Настоски

Владата го разреши Стојко Пауновски поради „непрофесионално однесување“

Жарко Настоски