Владата денеска на седница треба да одлучува по предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 наутро на територија на цела држава. Комисијата оценува дека ваквата ригорозна мерка ќе има ефект, а засега предлогот е да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус.
Според анализите на здравствените власти расте бројот на заразени и ќе расте и бројот на хоспитализација. Sпоред најaвите од утре треба да почне имунизацијатана населението со вакцините Спутник V кои во неделата пристигнаа во неделата.
Медицинските лица кои досега ја примиле вакцината за коронавирусот од „Фајзер“, засега немале контраиндикации. Филипче вели дека она што може сега да го каже е дека освен покачена температура еден ден вечерта по вакцинацијата, еден или двајца здравствени работници имале и локална реакција на местото на вакцинацијата во смила на црвенило, блага болка и отекување на лимфните јазли на пазувата, Тоа било опишано во упатството како можен несакан ефект, а други значајни нуспојави нема.
Вакцината против Ковид-19 заклучно со вчера ја примиле 3.546 здравствени работници. За вакцинација преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ досега се пријавиле 75.900 граѓани, а 52.351 преку матичен лекар. Од вкупно пријавените 128 251 за вакцинација, 60.959 се на возраст над 70 години.
Според последните информации на инфективните оддели во земјава се лекуваат 860 пациенти со Ковид-19 и има околу 370 празни болнички кревети во ковид – центрите.
Во моментов во земјава се активни 8863 случаи на заболени со Ковид-19. Досега во земјата се направени вкупно 544.816 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 107.479, бројката на оздравени пациенти е 95.410, а на починати е 3.206.