Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба со која утврдува ослободување од данокот на додадена вредност за прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисници како и прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисници остварен со донирани финансиски средства.
Прометот кој се ослободува од данок на додадена вредност со оваа уредба е со цел поедноставување и олеснување на процесот на донации остварени кон буџетски единици.
Со цел поголемо стимулирање на потенцијалните даватели на донации кон буџетските корисници прометот остварен кон примателите на донации – буџетски корисник, се ослободува од данокот на додадена вредност со право на одбивка од претходен данок под услов давателот на донацијата да поседува потврда за примена донација од страна на примателот на донацијата.
Прометот на добра и услуги кој се реализира од донирани финансиски средства се ослободува од данокот на додадена вредност доколку примателот на донацијата – буџетски корисник достави изјава дека прометот се реализира со донирани финансиски средства.
Даночните обврзници исто така ќе имаат право на одбивка доколку се исполнети условите пропишани во Законот за данокот на додадена вредност.
Вршителот на прометот односно давателот на донацијата од оваа предлог уредба се должни да водат евиденција за прометот на добра и услуги кон буџетскиот корисник-примател на донацијата.
На оваа своја седница Владата донесе Уредба со законска сила за исплата на авторски хонорари за лица ангажирани во органите на државната власт (законодавна, извршна и судска), регулаторните тела, агенциите, државните комисии, правните лица во целосна или доминантна државна сопственот, единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа и градот Скопје.
Со оваа уредба со законска сила се уредува висината и начинот на исплата на паричниот надомест по основ на склучен договор за дело на лица ангажирани во овие институции со што се утврдува дека на овие лица им се исплаќа целосен паричен надомест, за време на траењето на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 31-ви декември 2020 година, доколку лицето со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила не е евидентирано како пријавено вработено лице во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Доколку лицата опфатени со оваа уредба со законска сила, со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се евидентирани како пријавени вработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, ќе им се исплаќа 50% од паричниот надомест кој е определен во договорот за дело, но најмногу во висина од 30.000 денари.
Оваа уредба со законска сила не се однесува на лицата кои склучиле договор за дело со органите на државната власт, регулаторни тела, агенции, државни комисии, правните лица во целосна државна сопственост, единица на локалната самоуправа и Градот Скопје и правни лица основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, за реализација на проекти финансирани или кофинансирани со заеми и средства од странски кредитори, меѓународни донатори и финансиери.