Новинарите Јадранка Костова и Владо Апостолов собраа пари за да ја платат тужбата за клевета во вредност од 9.300 евра на директорот на УБК, Сашо Мијалков информираа од ЗНМ.
Преку солидарниот фонд кој беше отворен, новинари и граѓани се солидаризираа со Фокус и ги собраа потребните пари.
Главната уредничка Костова од судот беше казнета со 5.000 евра, додека новинарот Владо Апостолов кој е автор на текстот беше казнет со 1.000 евра. Останатите 3.300 евра се судски трошоци.
„Во наредните денови средствата ќе ги префрлиме на сметката на нашите колеги, пари кои треба да му ги исплатат на директорот на УБК, Сашо Мијалков. Ние како ЗНМ застанавме зад колегите на Фокус затоа што веруваме дека одлуката на судот беше неправедна. Никој не смее да биде казнет само затоа што професионално ја обавува својата работа. Во конкретниот случај се работи за пренесена изјава од релевантен извор и е прашање од јавен интерес. ЗНМ и во иднина ќе ги поддржи колегите кои неправедно ќе бидат осудени за клевета и со тоа нема да дозволиме некој со високи казни да ги обесхраби критички да ја обсервираат работата на институциите. Ако некој сметаше дека со 9.000 евра ќе ги скрши новинарите во тоа не успеаа зошто тоа не го дозволија нивните колеги и македонската демократска јавност“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.