„Дали е ова 1939? Без образование, нема држава“, е главниот транспарент со кој академските граѓани маршираа од Владата до Министерството за образование, по повод Меѓународниот ден на студентите. Со низа други испишани пораки повикувајќи на акција од надлежните и свирежи како знак на негодување од третманот кој го добиваат, тие пристигнаа до зградата на МОН, каде одржаа едноминутен молк за студентскиот стандард и им покажаа жолт картон на институциите. Порачаа дека жолтиот картон е прва опомена и нивниот отпор ќе продолжи се додека не се исполнат нивните барања.
„Во 1939 година нацистите ги имаат нападнато студентите од универзитетот во Прага. Тоа е симболиката на самата порака: ‘Дали е ова 1939 година?’. Дали сегашните студенти ќе имаат ваков крај? Дали ова ќе значи крај на студентскиот стандард“, изјави Славчо Темелковски, претседател на студентското собрание при УКИМ.
Во организацијата на маршот, покрај „Студентски отпор“, дел беа и универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип.
„Достоинството но е одземено. На грбот на студентите се прават рестрикции во однос на студентскиот оброк и стипендиите. Ако државата може да се задолжува, може да ги поттикне студентите да можеме да живееме достоинствено. Каков мотив ни давате да останеме во државата. Ајде да ги замениме нашите оброци со вашите. Нели е срамота да ги прашувате студентите каде ќе го трошат студентскиот оброк, еве ние студентите јавно бараме од вас пратениците и министрите да ни дадете извештај за вашите огромни патни трошоци и наместени тендери“, говореше Милица Давчева од движењето „Студентски отпор“.
И на овој втор марш по ред, студентите ги повторија барањата околу кои се обединети, а тоа се издвојување на пари од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на законот за студентски оброк и зголемување на сумата на 150 денари дневно, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и негова дигитализација.