(ВИДЕО) Протест во Тафталиџе: Стевчо Јакимовски да ги штити нашите, а не бизнис интересите

Од:

Жители на Тафталиџе се собраа на целодневен протест против изградбата на зграда на последната зелена површина на улицата Букурешка, откако граѓаните пет пати успејаа да ги блокираат багерите да го раскопаат единствениот парк.

Граѓаните велат дека нема да дозволат и овој парк да се претвори во зграда иако становите на неизградената зграда се веќе ставени на продажба.

– Дојдовме да упатиме апел дека оваа работа е од големо значење на граѓаните. Тука се работи за уставни права, за заштита на животна средина, бидејќи тука имаме деца, стари луѓе, кои што овој парк им е единствено место каде што можат да излезат, да поминат некое време надвор од четири ѕида. Прво, сакам да упатам апел до граоначалникот, општината и до советниците сериозно да се зафатат со оваа работа, уште утре да се закажат седници во општинскиот совет. Сите знаеме дека кога има некои бизнис интереси ДУП-овите се менуваат, има начин како да се сменат. И ние бараме исто тој наш интерес кој што сметаме дека е поголем од тие бизнис интереси да се слушне, да се стави на маса. Знаеме дека е можно, ги повикуваме советниците да ги слушнат нашите проблеми и да почнеме ново поглавје каде што властите ќе ги слушаат нашите потреби и предлози, ова веќе не е предлог, туку е последен крик на луѓе кои што сакаат да си го зачуваат комшилукот, рече Иван Меникоски.

Тој смета дека е дрска изјавата на Стевчо Јакимовски дека ни господ не може да ги врати ДУП-овите назад. Немора господ, вели Меникоски, за тоа има советници и апелира до советниците да почнат да постапуваат по граѓанските барања.

– Неколку пати сме сведоци дека на зелени површини и детски игралишта се градат мали згради или куќи за индивидуално живеење, кои подоцна стануваат згради. Искуството покажува дека не треба да имаме доверба во тоа што ни се кажува и треба да ги одбраниме и тие малку зелени површини кои ни останаа, вели Тихомир Петрески.

Вчера Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против непознат сторител за спречување градежни активности, што граѓаните го гледаат како еден вид притисок тие да се откажат од единствениот парк на Букурешка.

Граѓаните велат дека ќе го бранат паркот до последно, бидејќи ако го снема, целата Букурешка ќе биде згради и асфалт, а нема да остане ниту едно паркче каде децата би можеле слободно да играат.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје

Инцидент на блокадата во Нови Сад: Беа кренати знамињата на ЕУ, па започна турканица

Горан Наумовски

Жителите на улица Народни Херои на протест – блокада на булеварот Борис Трајковски

Горан Наумовски

Нов протест поради трагедијата во Нови Сад, се бараат оставки: „Народот е гладен за правда“

Горан Наумовски

Протест на опозицијата во Белград

(ВИДЕО) Протест во Нови Сад, градот е полн со полиција