ВИДЕО: Жена на 50 години која утрово дошла од Италија е првата заболена од коронавирус во земјава

Од:

Жена родена во 1970 година, која еден месец престојувала во Италија и таму била болна во последниве две недели е првата заболена од коронавирусот во земјава.

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека пациентката била хоспитализирана денеска околу 15 часот, сместена е на Инфективната клиника и е во изолација. Претходно, во Италија била болна 2 недели, но не била тестирана на коронавирусот.

Жената патувала со комбе, преку Табановце, а потоа со друго домашно возило лицата биле пренесени од наплатната рампа Табановце до скопската клиника.

„Епидемиолошките анализи покажаа дека таа веќе еден месец била во Италија, на прошетка и на посета и таму веќе 2 недели била болна. Таму не била тестирана и по доаѓањето во земјава дошла на преглед. Ова ни дава право да мислиме дека инкубацијата е одамна помината и дека не претставува опасност да ја пренесе болеста. Сепак, сега се прави проверка на сите патници кои патувале со неа во комбето и тие ќе бидат во 14-дневна изолација“, рече Филипче.

Тој вели дека е во интензивна комуникација со грчкиот, српскиот, косовскиот министер и се преземаат сите мерки.

„Сакаме да упатиме апел до сите компании во кои има вработени кои патувале во Италија, да не ги примаат тие лица на работните места, туку тие лица да седат дома 14 дена. Уште еден апел до јавноста, со оглед на начинот на пренесување на вирусот, маската може да биде само дополнителен причинител за пренесување инфекции“, рече Филипче.

Д-р Жарко Караџовски изјави дека стручна екипа од Институтот за јавно здравје веднаш заминал на Инфективната  клиника за да направи епидемиолошка анкета и увид на лицето.

„Едно позитивно лице не претставува ризик за останатото население. Упатувам смирувачка порака дека нема простор за паника. Спремни сме за половина час да мобилизираме екипа и она што за мене е битно е дека ние владееме со состојбата. Не можеме да го спречиме трансфер на луѓе, стока, пари и капитал, но имаме контрола врз ситуацијата“, рече тој.

Караџовски изјави дека граничната полиција постапува согласно протоколите, односно на сите лица кои влегуваат во земјава им се поставуваат 6 епидемиолошки прашања и ако тие изјават дека имаат одредени симптоми на болеста, се тргаат на страна. Епидемиолошката служба што дежура на скопскиот аеродром пак, врши скенирање со термо камера и вршат епидемиолошка анкета, а лицата со симптоми на болеста ги тргаат на страна во просторијата за изолација.

Премиерот Оливер Спасовски упати смирувачка порака, велејќи дека нема причина за паника.

„Сите државни служби се во целосна подготвеност, нема причина за паника, бидејќи воспоставена е контрола и преземени се сите мерки во согласност со протоколите. Преминуваме во следната фаза на справување. Граѓаните треба да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство, а институциите имаат стручни кадри и опрема“, рече тој.

Следната прес-конференција со повеќе детали е закажана за во 20 часот.

Би можело да ве интересира

Десетина пациенти со грип на Инфективна, една пациентка со потешка состојба на Пулмологија

Горан Наумовски

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Стевановиќ: Пациентот од Велес е во добра состојба, можно е да се заразил од крлеж додека рибарел на Вардар

Орце Костов

Трет случај на конго кримска хемогарична треска

Стевановиќ: Болничарката од Инфективна од денеска го прима лекот против конго-кримска треска

Орце Костов

Болничарката од Инфективна која заболе од конго-кримска хеморагична треска е во стабилна состојба

Орце Костов