Граѓаните на Скопје повеќе од 10 дена дишат воздух кој е екстремно загаден. Загадувањето ги преминува максималните граници препорачани од Светската здравствена организација за повеќе од 10 пати што претставува сериозна закана за здравјето на сите, без разлика на возраста и здравствената состојба. Пикот на смртни случаи предизвикани од болести асоцирани со дишење загаден воздух се поклопуваат со пм 2.5 честичките во Скопје, велат од невладината Екосвест.
Тие го поздравуваат потегот на град Скопје за воведување бесплатен јавен превоз, но посочуваат доколку целосно не се забрани движењето со автомобили во централното градско подрачје ваквата мерка сама по себе нема да постигне никакви резултати во насока на намалување на аерозагадувањето.
Од Екосвест итно бараат преземање на дополнителни активности и мерки за намалување на загадувањето кои ќе бидат насочени кон сите граѓани, приватниот и јавниот сектор подеднакво.
Извршниот директор на невладината Екосвест, Ана Чоловиќ Лешоска ја обвини Владата на РМ и сите владини институции за пасивноста и непреземање на одговорност за човековото здравје.
– Непреземањето на одговорноста за човековото здравје од страна на Владата на Република Македонија е нешто што е недопустиво. Сметаме дека да дозволиме да имаме енормни вредности од 1200 микрограми на метар кубен е апсолутно недозволиво и сметаме дека крајно време е владините институции да превземат мерки за спречување на загадувањето и стратегија која долгорочно ќе го реши загадувањето. Три години се случува истата ситуација, три години Владата не превзема мерки, три години добиваат предлог мерки од граѓани, и од граѓански иницијативи и тие мерки буквално се губат во просторот. Ова е апсолутно недопустиво, рече Чоловиќ Лешоска.
– Политичарите не смеат да го користат загадувањето во своја лична пресметка ниту да ги мотивираат меѓуграѓанските кавги кој е виновен. Сите ние сме виновни, амбиентот е тој, не можеме ништо да направиме. Она што ќе апелирам е политичките партии да бидат пример преку давање на насоки на сите граѓани како да се однесуваат и како може да го намалиме загадувањето на воздухот. Тие се првите кои што треба да бидат пример. Исто така вклулување на сите општини, тие имаат обврска да се вклучат во намалување на загадувањето. Потребно е вклученост на сите институции, можеби најмногу од МВР во регулирањето на сообраќајот и на крајот на краиштата граѓаните треба да дадат пример за намалување на загадувањето, рече Методија Саздов, член на Македонски зелен центар.
Виктор Јованов