(ВИДЕО) Заев: Со практикување на духовноста, просветлението, просветителството стануваме подобри луѓе

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вечерва присуствуваше на одбележувањето на празникот Св. Климент Охридски, основоположникот на Македонската духовност и црква. Во исто време во своето обраќање тој го честиташе големиот 50-годишен јубилеј од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија и истакна:

„Го честитам значајниот јубилеј на Македонската Православна Црква, 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија преку Македонската Православна Црква и празникот на Свети Климент Охридски основоположник на македонската духовност.

Тоа што денеска, на заокружувањето на полувековното постоење на патрониот празник на МПЦ – ОА сме сите овде, заедно, различни по различни видови убедувања, но исти во желбата и намерата да има спокоен и квалитетен живот за секој граѓанин на Република Македонија, е придонес на сите во оваа сала и во нашата држава.

И јас, честитам за овој голем духовен исчекор со којшто може да се гордееме како достоинствени граѓани на нашата заедничка Република Македонија.

Бидејќи, духовноста и вербата, почитувани граѓани и почитувани присутни, што би значеле тие, ако нема во реалноста помош едни на други, соработка едни со други, и определба за изградба на среќно општество во кое што има место за секој човек?!

Секој кој верува во доброто, кој посакува добро и кој е подготвен да се вложи во доброто, е вграден во овие процеси.

Тука свое место има и треба да има Македонската Православна Црква, пред се како духовен водач кон општото добро.

Општото добро е, и треба да биде достоинствена водилка на секој човек. И колку сме се развиле како луѓе во практикувањето акции за општо добро, ете тоа е мерката колку сме израснале и сме се надраснале духовно.

А овој духовен развој е религиска вредност, но пред се е човекова, морална обврска. Затоа што низ совесните дела што ги оставаме зад нас, само можат да градат вредности генерациите по нас.
Ние сме секуларна држава, но верските заедници и нивните закрилници, како што е за православниот свет Црквата, се и духовно и културно наследство, и како такви треба и да ги негуваме, и да ги надополнуваме, развивајќи се индивидуално и поттикнувајќи колективен развој, низ нашиот индивидуален развој.

Таков пример ни дава и Свети Климент Охридски, во чија чест е исто така денешното чествување на овој ден. Бил еден од најблиските и нај ревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот. Како нивен ученик, бил подложен на страдања , но верувал во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек, да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на словенската просвета. Применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои ја наоѓале во Црквата.

Овој човек, Свети Климент останува жив паметник во историјата како основач на Охридската школа, честопати именувана како „првиот балкански и европски универзитет“, низ којашто минале околу 3.500 ученици. Бројот е импозантен и за денешните, но уште повеќе за тогашните времиња. Тоа индиректно сведочи за исклучителните организациски, но и анимирачки способности на светиот учител од Охрид. Луѓето имале желба за наука, но без сомнение, голем удел во привлекувањето и прифаќањето на учениците, но и нивото задржување, зголемување, па и понатамошно ангажирање во духовната и во просветителска дејност, има нашиот Свети Климент.

Со Свети Климент се поврзани почетоците на писменоста македонска и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта.

Оддавам чест на Свети Климент Охридски за неговото големо духовно – просветителско дело со кое `не задолжи сите и ни покажа како “на дело“ се станува и духовник и просветител.

Јас сакам да порачам денеска дека секој може да биде своевиден Свети Климент почитувани граѓани и почитувани присутни. Духовноста, просветлението, просветителството се дадени на секој од нас, а со нивното практикување стануваме подобри луѓе, во подобар свет, солидарен свет, образуван свет. Така градиме сегашност и иднина за секој човек, секој граѓанин, за секој од нас.

Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние, надминувајќи ги предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги идентитетските вредности како граѓани, како народ и како држава.

Во таа насока и сум убеден, овој јубилеј, 50 години од автoкефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква ќе отвори и надминување на повеќегодишните предизвици исправени пред МПЦ, којашто е реалност во православниот свет.

Нека е честит 50-годишниот јубилеј – автокефалност на Охридската Архиепископија преку Македонската Православна Црква и големиот празник во чест на Свети Климент, сите да сме здрави, спокојни и паметни, доволно за да ги заштитиме и градиме духовните вредности, како темелни вредности на генерации кои ќе градат толерантно и демократско општество за сите во нашата убава држава, Република Македонија“.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

Свети Климент Охридски – 8 декември, неработен ден за сите граѓани

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

A1on