(ВИДЕО) Заев: Од сите коалиции, најсилна е коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и медиумите

Од:

„Дозволете денеска да дадам одговор на обвинувањата што стигнуваат на моја адреса за проектот Глобал и уште еднаш да ја потврдам вистината за овој голем и значаен проект во Струмица. Патем да споменам, деновиве се навршуваат 8 години од почетокот на изградбата на Глобал, проект со којшто јас и Струмица се гордееме“, рече градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев.

„Сто пати кажана лага станува вистина“ е стратегијата на ВМРО ДПМНЕ којашто и е веќе многу добро позната на јавноста. Ова што го прават овие денови неколку медиуми што се под директна контрола на ВМРО ДПМНЕ, е многу добро позната тактика и се реализира на начин што порталот Курир, Нетпрес или Прес24, без потпис на новинар или уредник ја објавува темата, ги поставува лажните тези, а националните медиуми како што се МТВ, Сител, Канал 5, Алфа, неколку дневни весници и други медиуми и портали, ја шират невистинитата приказна, со цел да допре до што е можно повеќе граѓани. Ова е доказ за дел од таа вкупна режимска системска контрола на власт, којашто ја уништува, не само слободата на медиумите, туку преку ваквиот механизам, може да постави целосни невистини и да ги пласира на јавноста како апсолутни вистини. Преку ваквиот начин на контрола на медиумите, власта успешно наметнува впечаток кај најголем дел од граѓаните, за каква било злонамерна или забегана теза, којашто ја издига на ниво на вистина и преку тоа создава сосема извитоперен впечаток, за кој било и за што било во нашата земја. Денес тоа се прави против сите неистомисленици со Власта, но истотака и против секој граѓанин, кој ќе се дрзне да соопшти или направи нешто кое е спротивно на итересите и целите на владеачката гарнитура предводена од ВМРО ДПМНЕ. Ваквото организирано настапување на највлијателните медиуми во државата, најверојатно е поголемо зло врз опшеството и од самите незаконити дејствија на власта. Затоа ваквото организирано дејствување на медиумите, претставува своевидно злосторничко здружување коешто директно ги урива основните демократски вредности втемелени во Уставот на Република Македонија“, вели Заев.

„Затоа не треба никому да му биде чудно, зошто е недозволиво повторно опозицијата да попушти во своите ставови за непризнавање на изборниот процес и неприфаќање на пратеничките мандати. Ова е само дел од злоупотребите на власта којашто со народни пари и преку државните институции и инструменти, ја воспоставува системската контрола врз се во нашето опшество. Ова со медиумите е само еден од доказите колку режимот кулминира со секоја одмината година и после секој изборен процес и само по себе е потврда колку опиеноста на автократската власт нема крај“, рече градоначалникот на Струмица.

„Од сите досегашни коалиции во овие 23 години независност, повеќе од очигледно е дека најсилна е коалицијата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и медиумите. Ваква непримерна соработка на штета на државата и на граѓаните не памети светската историја дури и во најтоталитарните опшества. Таа машинерија ја држи целата македонска јавност заробена во една голема лага. Дел од таа лага е и случајот Глобал, случај којшто политичко – медиумското братство го презентира по свој режимски аршин, далеку од вистината. Истите тие кои не објавија ниту збор од аферата со продажбата на Македонска банка, сега со здружени сили се фокусирани случајот Глобал, што е чист како солза, да го прикажат во сосема поинакво светло, и со дрвја и камења, по којзнае кој пат, да го нападнат името, угледот и честа на Зоран Заев. Нивната цел е совршено јасна, да се дефокусира вниманието од криминалот на власта и финансиските афери на Груевски и да се создаде поинаква перцепција пред судското рочиште по тужбата на Груевски против мене, за наводна клевета. Ваквото режимско сценарио, никој не треба да го изненадува. Во држава во којашто за 2000 евра експресно се осудува неистомисленик на една година затвор, а за “убиство” на пешачки премин на свој близок човек му се изрекува пресуда од само шест месеци затвор и тоа дури по шест години по стореното дело, не може да се очекува поинаков епилог. Медиумите објавуваат она што ќе им биде наредено од власта, а секој демант од општина Струмица и од СДСМ завршува во фиока или во корпата за отпадоци, без да биде објавен. Каде го има ова ? Во која држава освен во Македонија ?

Законите во оваа држава се јасни, какви и да се. Според тие закони, општината е таа институција којашто издава одобренија за градба. Тоа е истата таа институција којашто согласно важечките закони издава акти за легализација. И што е тука нејасно ? Политичко-медиумската формулација на спин – тезата дека самата легализација на Глобал е доказ сам за себе дека градбата била нелегална, едноставно не држи, затоа што истите луѓе, по истото сценарио со политички мотиви го прогласија Глобал за нелегален. Но судските инстанци си го кажаа своето. Уште пред четири години прво Управниот, па потоа и Врховниот суд, потврдија дека Агенцијата за катастар на недвижности е должна да го запише Глобал во катастарската документација. Еве ви ја пресудата на Врховниот суд.

И покрај ваквата пресуда, Агенцијата за катастар не го впиша одобрението за градба на Глобал со изговор дека имало претходно нерешено прашање, а тоа е дека имало денационализација на земјиштето на коешто е изграден Глобал. Оваа година пред изборите, поради тоа што калкулираа дека може да се променат работите во власта, решија да го впишат актот за легализација на Глобал во Агенцијата за катастар и со тоа несмасно, невнимателно и несвесно потврдија дека денационализација на земјиштето не постои. Напоменувам дека според законот, ако на предметно земјиште има денационализација, не може да се впише во Катастар, ниту одобрение за градба, ниту акт за легализација.

Со впишувањето во Катастар на актот за легализацијата на Глобал, власта го обезбеди во моја полза крунскиот доказ за целиот случај Глобал, а тоа е дека денационализација немало, ниту кога се градел Глобал, ниту денеска кога е впишан во катастарот на Македонија.

Заради оваа наводна денационализација, актуелната власт ме притвораше мене и моите соработници. Заради овој предмет, Глобал и денационализацијата на земјиштето на коешто е изграден Глобал, шест години, Груевски, власта и медиумите блиски на власта, не ме симнаа подолу од аболициран, криминалец и што ли уште не.

Затоа само повторно ќе го споменам „шилото на вистината”. Порано или подоцна вистината секогаш излегува на површина и кога тогаш за секое зло следува одговорност.

Да потсетам :

Проектот Глобал е проект на јавно приватно партнерство, без ниту еден денар потрошени општински пари. 12- те милиони евра за изградба на Глобал се инвестирани целосно од приватните партнери на општината за овој проект.  За 8 милиони евра имале продадено деловен простор тие приватни компании што инвестирале во проектот Глобал, а се истите оние 8 милиони коишто ги кажува власта како наводен криминал на Заев во овој проект.

Општина Струмица има приход од 1.100.000 евра комуналии од овој проект во својот Буџет и околу 500.000 евра данок на промет.

Општината, без ниту еден потрошен денар е сопственик на затворениот пазар во Глобал, деловен простор и 17% од катната гаража.

Во овој проект денеска се вработени и земаат плата повеќе од 400-тини граѓани на Струмица.

Во овој проект е првата катна гаража изградена во Македонија, којашто има 380 паркинг места како и најсовремениот затворен пазар во државата.

Овој проект е избран од ЕУ како најдобра пракса за јавно приватно партнерство и со средства на ЕУ е промовиран како успешна пракса во многу европски градови“, изјави на денешната прес-конференција, градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.

Би можело да ве интересира

Мисајловски: За да направиме историска победа за Македонија, ни треба поддршка од целиот македонски народ

(ВИДЕО) Мицкоски: СДС и ДУИ неколкумина од власта се граѓани од прв ред, а сите други од втор ред

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Ковачевски: Македонија заслужува европска иднина, нема откажување

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Тоа што ДУИ го критикува работењето на СДСМ, а СДСМ нема кажано ниту збор против ДУИ, докажува дека се нивни измеќари

СДСМ: Мицкоски и ДПМНЕ немаат план ниту визија, со нив нема членство во ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ: СДС ја фрли државата во хаос, ова не е Македонија која ја сака народот