Ставот мој, на Социјалдемократскиот сојуз и на опозицијата е јасен, кога се работи за судството односно правосудството и обвинителството во Република Македонија – уште еднаш напоменувам, дека денеска сме овде присутни за да потврдиме дека го почитуваме законот и Уставот и да оставиме трага од сите овие процеси, вели Зоран Заев.
Напоменувам дека се надевам, дека ќе се одважат поединци во Јавното обвинителство и судството да судат и да носат услуги исклучиво по закон и Устав, ниту повеќе ниту помалку.
Напоменувам дека знам дека најголем број од луѓето вработени во обвинителство и судство се чесни луѓе, еден дел се под притисок и еден многу мал дел се директни извршители и соучесници со извршната власт за незаконски дејствија.
Денеска нема да ги коментирам разговорите во обвинителството, заради тоа што сакам да останам на тоа што го зборувам, да го почитувам процесот.
Во продолжение одговори на новинарски прашања:
П1: Господине, од МВР ве теретат за ново кривично дело, за примање поткуп?
Еве вчера на трибината на Социјалдемократскиот сојуз и опозицијата ги кажав своите ставови, би додал само дека една година и повеќе се мачат како да наместат давање пари на претседателот на опозицијата, катастрофа. На сите можни начини се обидуваат тоа да го направат. Она што сакам да го дополнам е дека подготвуваме Кривична пријава којашто ќе биде доставена од моја страна, за осмислено нудење поткуп и осмислено договарање за местење поткуп.
П2: Дали тоа значи дека не сте ги земале парите?
Апсолутно. Ако имаше местење со пари, давање пари, тоа ќе беше објавено, од, не би ги нарекол веќе државни органи, туку партиските органи во МВР, коишто заедно со такви лица тоа го правеле.
П3: Што се крие зад целата оваа местенка…
Сите сте свесни што се случи со Љубе Бошкоски. Овој процес почнува да се организира непосредно пред почетокот на парламентарните избори. Знаете дека го повикав премиерот да каже јавно дали има поставено посебни истражни мерки врз претседателот на СДСМ и лидер на опозицијата. Никогаш не добив одговор на тоа прашање. Апсолутно тоа го знаев. Целиот овој процес којшто се случуваше,цело време индицираше дека некој мака мачи како на Заев да му бутне пари и секако злосторството кое што оваа власт го прави сиве овие години наназад оди до тие крајности, што не само мене, туку и на многу наши сограѓани им е многу јасно што прават, дел од овие осмислени злосторства знаеме да ги осознаеме, другиот дел Господ да ни е на помош да ни дава памет да ги спречиме.
П4: Господине Заев, дадовте ли исказ во врска со обвинувањата во Јавното обвинителство или одлучивте да се браните со молчење?
Секако дека нема да го користам правото на молчење, ќе дадам исказ во соодветен дел од постапката, а нема да коментирам што денеска се случило, заради почитување на постапката.
П5: После вашиот вчерашен настап, истапи владејачката ВМРО-ДПМНЕ со соопштение, досега се велеше дека имате креирани материјали, сега веќе има еден чекор понатаму, дека се работи за монтирани, сечени, лепени итн.? Ваш коментар и по ова прашање, бидејќи барем во официјалните настапи на премиерот и другите претставници, највисоки, на власта, се велеше дека се работи за креирани? Ваше објаснување што значи тоа?
Јас не сум го слушнал тој исказ, сакам да го видам лицето кое е дел од извршната власт и ги негира материјалите, за да можам да му пуштиме илјадници вакви материјали од негови разговори најверојатно. Она што би го дополнил и би го потврдил, секој објавен документ од првата до последната буква, и секој изговорен збор од првиот до последниот во секој објавен разговор, `се е вистина. Од почеток до крај!
П6: Денеска ДПА одржа прес конференција пред еден час, излезе повторно со некакви документи и записи, смс пораки дека сте го молеле нивниот лидер Мендух Тачи?
Ќе добие Мендух Тачи уште разговори, коишто ќе го потврдат тоа што ние го зборуваме и ќе му ја отвори предавничката душа на тоа што го правел. Не кон Заев, не кон опозиција, кон неговите поддржувачи и неговиот народ.