(ВИДЕО) Заев: Да му покажеме на светот дека секој договор, секое пријателство, секое ракување, носи бенефит за граѓаните

Од:

Ќе се обидам да ги охрабрам лидерите од соседите, но и тука во Грција, лидерите од Владата, од Парламентот и претседателката на земјата, во Северна Македонија да видат добар партнер за иден развој, рече премиерот на Северна Македонија Зоран Заев за време на панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на „Економист“ и додаде дека лично за него, многу е важно „да му покажеме на остатокот од светот, особено за регионот од Југоисточна Европа, дека секој договор, секое пријателство, секое ракување, носи бенефит за граѓаните“.

Mакедонскиот премиер, говореше за односите со Грција, но и со останатите соседи, за ситуацијата кај нас, за европската перспектива на регионот, како и за денешните средби со грчкиот државен врв.

– Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства. Навистина сум многу среќен, бидејќи сето она што се случи минатите неколку години на Западниот Балкан, верувам дека е некој вид на специјален фокус на Западниот Балкан, за кој нема алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО и дека стратегијата за сите земји нѐ води да направиме реформи во нашите земји, да го подобриме квалитетот на животот за нашите граѓани, да градиме добри пријателства, а преку овие пријателства го сменивме Балканот, сѐ повеќе стануваме Европејци, рече Заев.

Во однос на денешната средба со неговиот грчки колега тој објасни дека ќе разговараат за следните чекори во соработката, една од темите ќе биде и избегнувањето на двојното оданочување, заштита на инвестициите, но и Договорот од Преспа.

– По нашите избори, треба да продолжиме да разговараме за да најдеме начин како да ги решиме бренд имињата на продуктите. Во октомври, коморите од Грција, од Солун и Атина ќе бидат во Скопје за да разменат идеи, а потоа експертската група ќе продолжи за да најде решение за тоа, рече Заев и изрази надеж дека и комисијата за учебниците набргу ќе најде решение.

Премиерот истакна дека по договорите со Бугарија и Грција, Северна Македонија е земја што разви огромно пријателство со сите соседи, а говорејќи за европската перспектива објасни дека нашата земја, заедно со Албанија, очекува во декември да почне преговори со Европската Унија и додаде дека германското претседателство и канцеларката Меркел се посветени на овој процес.

Паралелно, тој спомена дека и улогата и помошта на Грција се важни на патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.

За тоа колку време би требало за Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, Заев рече дека имаме реални очекувања и процесот ќе трае онолку колку што е потребно.

– Пет, седум, десет години. Зависи од нас, но зависи и од Европската унија колку е фокусирана на Заладниот Балкан, рече Заев и додаде дека прашањето, „не е да бидеме членки на Европската Унија, само за да бидеме во ЕУ, туку Европа да ја внесеме во внатрешната на Северна Македонија“.

На панелот, македонскиот премиер се задржа и на економската ситуација во Северна Македонија, но и на трговските односи со Грција, кои бележат раст од 20 отсто по Договорот од Преспа, истакнувајќи дека граѓаните и бизнисмените ја следат позитивната клима и изрази надеж дека по кризата со коронавирусот ќе продолжи да се зголемува трговската размена со јужниот сосед.

Заев истакна дека „политичарите може да победат на избори по драматични, историски, тешки одлуки“ и објасни дека се решени сите домашни порашања, потенцирајќи дека „Северна Македонија, сега е држава без отворени прашања во внатрешноста“.

На вториот ден од конференцијата на „Економист“, на панел дискусијата заедно со Заев учествуваа и премиерот на Албанија Еди Рама и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.

Пред почетокот на панелот, учесниците имаа кус неформален разговор заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат.

Би можело да ве интересира

Меѓу 1 и 20 октомври ќе завршиме со одлуките за поставување раководни лица во институциите, вели Заев

Ана Ололовска

Заев: Најсилна осуда за бруталноста на полицајците, вакви случаи нема да поминат без казна

Ана Ололовска

Николоски: Заев нема да ме замолчи да зборувам за „Рекет“, денес ме тужеше, а не дојде на Суд

Ана Ололовска

Судењето за тужбата на Заев против Николовски одложено за 20 ноември

Ана Ололовска

Заев: Потребно е да продолжи фокусот за решавање на прашањето за Црквата

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Заев-Гир: Треба да се реформираат сите области, особено владеењето на правото

Ана Ололовска