Пиштолџијата Јусуф Енузи-Кока кој впери оружје кон толпа демонстранти на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, сам се пријавил во затворот „Скопје“ во Шутка, за одлежување на затворската казна, дознава „А1он“. Со оглед дека тој помина над два месеци во притвор, како и куќен притвор, во затворот „Скопје“ ќе остане исто толку време. „А1он“ го контактираше и Филип Андов, директор на затворот „Скопје“ кој ја потврдува информацијата.
„Лицето е примено и сместено во приемното одделение на затворот“, вели Андов за „А1он“.
Јусуф Енузи-Кока беше гонет за предизвикување општа опасност, каде е предвидена казна од една до пет години. Кривичниот суд му изрече казна од четири месеци, откако на првото рочиште призна вина. Кока на судењето се бранел дека го штител својот живот, животот на своите вработени, како и животот на гостите во хотелот „Де кока“ каде е сопственик.
„Критичниот ден, протестот не бил по дефиниција јавен собир, туку истиот екалирал во хулиганство, за што ЈО има покренато обвинение. Пред дејствијата на сега обвинетиот претходело сторување на кривично дело и имотот на сега обвинетиот, па истиот во нужна одбрана ги испукал двата куршуми во воздух“, посочила одбраната на Јусуф Енузи-Кока.
На 6 јули, за време на протестите против францускиот предлог, Енузи-Кока пукаше во воздух, откако претходно, пиштолот го насочи кон демонстрантите. Беше утврдено дека тој поседува оружје марка „Волтер“ модел „Р 99“ со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола.