ВИДЕО: Владата го одби како небезбеден подарокот за поддршка на мигрантите

Од:

Група граѓански организации и активисти за човекови права денеска одржаа мирен протест пред Владата за поддршка на илјадниците мигранти кои поминуваат низ Македонија и на тој начин го одбележаа Меѓународниот ден за правата на работниците кои мигрираат. Со транспаренти и фотографии на починати бегалци, активистите потсетија дека за една година над 3.000 луѓе го изгубиле својот живот на миграциската рута.

Владата не го прифати подарокот на активистите со одговор дека е небезбеден да биде внесен преку оградата. Подарокот, на кој имаше мал шатор ограден со жица, симболизира забранет пристап до прибежиштето кое државата треба да им го понуди на мигрантите.

Активистите, сепак, доставија до Владата пораки и препораки за справување со бегалската хуманитарна криза. Тие бараат Македонија да ја преиспита одлуката за сегрегација на мигрантите и повеќе да не им забранува транзит на оние кои се нарекуваат „економски мигранти“. По примерот на земјите од ЕУ, Македонија од ноември на своите граници ги пропушта само бегалците кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак.

-Проблем претставува одлуката дали да се продолжи со сегрегацијата по национална припадност или Македонија смее да ги отвори границите и да пристиска и ЕУ да ги отвори. Тоа сепак не беше одлука на Македонија туку следвствена реакција на она што се случи. Доколку Македонија ги отвори границите ќе обезбеди безбеден транзит за оние што влегуваат на дивите премини. Вака затворените граници го поттикнуваат организираниот криминал и локалните групи да делуваат против луѓе кои поминуваат на нашата територија, а за кои ние немаме никаква информација, дури и полицијата во таков случај не можат навремено да реагира. Поголема контрола дава спротивен ефект и ја загрозува безбедноста на оние што транзитираат, на оние што работат на гранични премини и на оние што нелегално поминуваат низ Македонија – изјави Јасмина Голубовска.

Граѓанските организации бараат Македонија да престане со дискриминаторската политика и да му овозможи влез на секој бегалец, да применува похумани механизми за соочување со кризата, итно да ги ослободи жртвите и сведоците на кривични дела кои се наоѓаат во Прифатниот центар во Гази баба, како и да обезбеди греење во транзитните центри во Гевгелија и Табановце. Од Владата се бара да објави нулта толеранција за полициското насилство и финансиски да не ги оптоварува бегалците со екстремно високи цени за јавниот превоз.

Со писмо доставено во делегацијата на Европската комисија во Скопје, активистите ја посетуваат Европската унија дека борбата против тероризмот не смее да ги стави во сенка потребите на луѓето кои од различни причини се упатуваат кон европскиот континент.

„Оградите и бодликавите жици не можат да ги спречат терористичките напади. Истите тие огради ја отворија можноста за повторно функционирање на нелегалните премини, повторно работа за криумчарите како и пораст на ксенофобијата и исламофобијата во европските држави. Порастот и зголемената активност на ектремните десни групи се само потврда за досегашните неуспешни политики на затворени граници“, стои во пораката доставена во Еу инфоцентар.

Денешниот протест е повик за Состојба на солидарност и за Солидарен свет без страв од насилство, а е поддржан од транснационална мрежа на формални и неформални организации низ Европа.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Гевгеличанец и пакистанец шверцувале Kинези во Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто