ВИДЕО: Техничката влада не смее да падне, „средба со криминалци нема да има“, вели Филипче

Од:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите порача дека укинувањето на техничката влада би претставувало сериозна закана за демократијата и изборниот процес во државата. Според него, техничката влада е „последната линија на одбрана“ од злоупотреба на институциите и од загрозување на слободната волја на граѓаните за време на изборите.

Филипче истакна дека премиерот Христијан Мицкоски „брза кон избори“ и дека, како што рече, „не бара дијалог, туку алиби за нивно распишување“.

„Средба со криминалци нема да има. Техничката влада мора да остане, затоа што без неа се отвора простор за целосно заробување на државата“, рече Филипче.

Тој нагласи дека техничката влада може да се укине само во услови на зрело демократско општество, какво што, според него, Македонија во моментов не е. Како причина го наведе, како што рече, „агресивното ставање канџи врз сите институции од страна на власта и нивна злоупотреба за партиски цели“.

„Тие не ја сакаат техничката влада затоа што присуството на опозицијата во извршната власт значи увид во злоупотребите и коруптивниот систем. За нив, тоа е отворање на Пандорината кутија“, изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи и на, како што рече, „окупирање на правосудниот систем“, наведувајќи дека обвинителството е под целосна контрола, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на Кривичниот законик кои одат во корист на власта.

Како конкретен пример ја наведе ситуацијата со ИПАРД 3 програмата во земјоделството, каде, според него, директор поставен од ВМРО-ДПМНЕ бил уапсен за корупција и проневера на европски средства.

Филипче предупреди и на опасноста од партизација на полицијата, како и на ограничување на слободата на говорот на опозицијата. Тој оцени дека измените на Законот за полиција водат кон целосна партизација на МВР, што, според него, дополнително ја зголемува потребата од техничка влада.

Во однос на системот „Safe City“, Филипче изрази загриженост за можноста од масовен дигитален надзор преку, како што наведе, 65 илјади камери низ државата. Според него, технички министер за внатрешни работи од редовите на опозицијата е единствената гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните и опозицијата за време на изборната кампања.

СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како институционална брана против злоупотреби и како гаранција за фер и демократски избори. „Таа не е само техничко тело, туку институционално вето против воспоставување авторитарен режим“, порача Филипче.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Дуел на Мицкоски и Филипче на пратенички прашања

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Филипче: Балканскиот криминален октопод се руши, по Вучиќ и Орбан следен ќе биде Мицкоски

Манасиевски: Филипче лаже за анкетите, лаже и за тоа дека има автомобил од 6.000 евра, за што уште лаже Венко

Катерина Ѓуровски

Манасиевски: Каде се анкетите на Венко што рече дека ќе ги обзнани во јавноста уште пред две недели?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче бара утеха во пласманот од четврто место во Брвеница додека СДС ја направи партија која слави порази

„Платформа 12:05″: Изборите во Брвеница потврдија дека Филипче одработува за власта

Катерина Ѓуровски