ВИДЕО: Сурови услови и нечовечен третман на затворениците констатира народниот правобранител

Од:

Скинати ќебиња, распаднати душеци, тоалети надвор од затворската зграда, негрижа за здравјето на затворениците и нехуман третман од страна на затворските службеници се дел од забелешките во годишниот извештај на народниот правобранител.

Исто така, полициските службеници не се доволно информирани и подготвени да препознаваат ранливи групи притвореници меѓу азилантите, што претставува главен индикатор за можен ризик од нечовечно и понижувачко постапување кон лицата што се задржуваат или се лишени од слобода, вклучително и бегалците и мигрантите, беше посочено како клучна забелешка од годишниот извештај на народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, за Националниот превентивен механизам, што беше презентиран на денешната прес-конференција.

Од анализите на Националниот превентивен механизам може да се утврди дека најчестите забелешки се однесуваат на инфраструктурните услови во затворите, нехуманиот третман на затворениците, потоа лошата административна распределба на канцелариите во полициските станици и како екстремен е наведен примерот со затворите во Тетово и Гевгелија, каде што нема полициски службеник од женски пол, со што пристапот кон притворениците жени или деца го прават службеници мажи.

Во извештајната постапка биле спроведени вкупно 42 превентивни посети, од кои 11 на полициски станици и затвори и 31 посета во местата на сместување и задржување бегалци. Освен ова, било спроведено и едно истражување за степенот на почитување на правата на странските државјани кои издржуваат казна затвор во КПД „Идризово“ за што биле спроведени 2 наменски посети во оваа установа.

Годишниот извештај народниот правобранител ќе го достави до Владата, Собранието, надлежните министерства и до другите институции и установи во кои се врши лишување или ограничување на слободата на движење. Извештајот ќе го добијат и меѓународните институции и организации што работат на полето на превенција и заштита на човековите права, вклучително и Поткомитетот за превенција од тортура на Обединетите нации и Европскиот комитет за спречување тортура и нечовечно понижувачко постапување или казнување.

Би можело да ве интересира

Народен правобранител: Пријавете повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321

Русија ќе затвара затвори Краснојарск откако осудениците заминаа на фронтот

Горан Наумовски

Од понеделник Инспекторатот ќе изрекува забрани за прием на невакцинирани деца во градинките

Орце Костов

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Владата бара решение за оние кои платиле за нови возачки и сообраќајни

А1он