ВИДЕО: Судир меѓу извршителите и граѓаните со блокирани сметки

Од:

Новиот предлог-закон за извршување ги разгоре и онака спротивставените интереси меѓу извршителите и граѓаните со блокирани сметки. И новиот како и стариот закон речиси во целост е на страната на правдата за извршителите, кои ги штитат интересите на доверителите, а должниците, особено граѓаните врз кои како физички лица се спроведува овој закон, остануваат со скинати џебови и без излез од нехуманиот закон.

Во жестока дебата размислувањата ги соочија заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, професорката Мирјана Најчевска, граѓанската активистка Ана Глигорова и претседателката на Надзорниот одбор на Комората на извршителите, Весна Деловска.

Додека неколку граѓански асоцијации што ги застапуваат правата на граѓаните со блокирани сметки тврдат дека извршителите постапуваат незаконски кога ги блокираат сметките, вршат извршување и финансиско одземање и во случаи на лица со сериозни социјални и економски проблеми, заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, тврди дека овој закон за извршување е меѓу најдобрите во Европа.

Според него, моделот е преземен од холандскиот закон и тој во Холандија се покажал како успешен. Тој не сакаше да ја коментира несоодветната споредба бидејќи една високоразвиена правна и социјална држава како Холандија, во која социјалните случаи добиваат висока социјална помош, е тешко споредлива со состојбите во Македонија.

Овој закон за извршување, според Ристовски, не може да ги регулира тие неправди што се констатирани во делот на наплатата на каматите и застарените долгови, па предлага за ова да се подготви нов закон за облигација.

Како претставник на граѓанските здруженија за заштита на човековите права „Но пасаран“, „Човекот над профитот“, „Гласен текстилец“ и Конфедерацијата на синдикалните организации, Ана Глигорова вели дека ниту еден нивни член не бил консултиран во изготвување на новиот закон за извршување иако неколкупати тие упатувале барања и до Министерството за правда да се најде решение за овој горлив проблем, односно да се стави крај на финансискиот геноцид на граѓаните. Таа посочи примери на незаконско постапување на извршители кога станувало збор и за блокирање сметки и одземање парични средства на старател на сираци, како и на други социјално загрозени лица.

Според податоците на Централниот регистар, вкупните приходи на извршителите за периодот од 2012 година до 2016 година изнесувале 60 милиони евра, а во истиот период оствариле добивка од 23 милиони евра.

Претседателката на Надзорниот одбор на Комората на извршителите, Весна Деловска, вели дека се согласува оти треба да се најде начин да нема извршување врз застарени долгови, но главниот притисок да спроведуваат извршување, дури и таму каде што ќе проценат дека тоа не треба да го направат, таа вели дека го добиваат од доверителите.

Според Деловска, најмногубројни предмети за извршување има од комуналните фирми, како ЕВН, БЕГ, „Водовод“ ,па потоа од банките.

Општиот заклучок е дека проблемот е системски и се случил како последица на негрижа на државата кон граѓаните. Во неколку наврати на дебатата беше посочено дека банките и други приватни фирми под капата на законот може да ги блокираат сметките на граѓаните, односно да наложат извршителите да ги блокираат сметките. Се чини дека во меѓуинституционална соработка не се направени анализи што ќе го забележат овој голем социјално-економски проблем и дека барањата на граѓанските асоцијации се слушаат само како ехо. Сепак, доколку и натаму не се преземе законска регулатива, која ќе овозможи поедноставен пат за решение на блокираните сметки на граѓаните, активистите најавуваат масовни протести, а според нивна процена, со овој проблем се соочуваат половина од македонското насление.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

Негативни коментари по дебатата на МРТ: „Ова не е дебата, туку квиз“

Јакимовски е против уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот

ОЈО Кичево ќе вложи жалба за определената мерка претпазливост за извршителката за Кичево што нападна новинар и полицаец

Комората на извршители го осудува попречувањето на извршувањето спроведено од извршителката Јакимовска од Гостивар

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

„Дами проверете се“ – Јавна дебата на ФОН за подигање на свеста за ракот на дојка

А1он