ВИДЕО: Стара Градска затрупана со пациенти, маските под брада, температура се мери на секој трет

Од:

Старата Градска болница во Скопје е затрупана со пациенти, а на мерките за заштита од Ковид – 19 речиси и да не се внимава. Млади, стари, деца и луѓе во колички во групи со часови чекаат преглед пред ординациите. Некои од нив маските ги носат соодветно, но на голем дел тие им се спуштени под брада. Медицинскиот персонал излегува и влегува во ординациите, но, поради преголемите гужви, никој не ги предупредува да ги стават маските преку устата носот.

„Овде е вистински хаос. Никој нема контрола над пациентите кои чекаат. На влезот место да се мери температура на секој што влегува, поради метежот, температура се мери на секој трет пациент, останатите влегуваат без проблем. Внатре тешко се дише, има премногу луѓе па и оние кои влегле со маска преку устата и носот, ја вадат за да земат воздух“, се пожали пациент кој денес морал да побара помош во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Директорот Љубен Арсенков за „А1он“ вели дека во болницата евидентно е зголемувањето на бројот на пациенти и дека дневно се вршат од 400-500 прегледи.

„Сите специјалистички амбуланти кај нас се отворени, а без ‘мoj термин’ пациентите доаѓаат директно тука. Се надевам дека најавата за функционирање на ‘мој термин’ ќе придонесе да се намали бројот на пациенти и на оние на кои можеби може да им се пружи помош од матичните лекари или пак во поликлиниките, бидејќи ние во основа сме хируршка установа. Но, кога пациентот ќе влезе тука, дури и без упат, ние не можеме да го вратиме, со оглед на тоа што во ‘8 Септември’ и во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ се примаат или ковид-пациенти или само итни случаи. Пациентите едноставно не ги поминуваат потребните филтри кои би ги поминувале во нормални услови. Сепак, напливот на пациенти докажува и дека пациентите имаат доверба во нашата установа и во третманот што го добиваат тука. Тоа за нас говори многу, и во поглед на безбедноста и во поглед на експертизата на нашите доктори и целиот медицински кадар“, вели Арсенков.

Дел од медицинскиот кадар со кој разговаравме, за „А1он“ велат дека се затрупани од работа и дека е речиси невозможно да се следи секој кој влегува во болницата. Речиси 9.000 пациенти поминале низ старата Градска болница за само еден месец.

„На врата им се мери температура, а на оние кои немаат маска, им даваме. Веќе кај нас почнаа да се лечат сите хронично болни, доколку некој има болки во стомакот се упатува директно овде, доколку на некој хронично болен му се влошила состојбата, исто така. Ние не можеме да ги вратиме тие пациенти, должни сме да помогнеме, под овие услови, бидејќи луѓето не знаат каде да одат. Имало случаи дури да викаме и полиција, но што со тоа? Син ја донел својата мајка на која ѝ гнои ногата, друг го донел својот близок кој има напад на жолчка, секој смета дека е приоритет. Ние даваме се од себе, кадарот е тој и едноставно со ресурсите со кои располагаме, се обидуваме да помогнеме секому“, сведочи еден од докторите.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Онколошките пациенти од Истокот нема да плаќаат 320 денари за патарини, најави Бочварски

Орце Костов

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември