Не се забораваат повредите нанесени врз нашето образование, а со вашата неразумност не се ни лекуваат, порачаа средношколците собрани пред Министерството за образование.
– Видете не, тука сме, се вративме. Се е исто, од минатата учебна година, но ние не сме исти, господине министре, се вративме посилни и поодлучни од кога и да било. Уште од мали нозе не учите што е тоа демократија, како требало да функционира едно современо, демек фер општество. Не знам со кое право не учите на тие работи! Ве потсетуваме дека токму вие бевте тие кои што ја оцрнивте, ја клеветевте, ја потценивте и ја омаловаживте младината на Македонија. Ја навредивте сопствената иднина. Замислете, си дозволивте да не наречете катастрофа за општеството?! Но, знајте дека ќе одговарате за тоа. Ако никој друг, бидете сигурни дека историјата ќе ви суди. А историјата е најтешкиот и најсуровиот судија, рече претставничка од Средношколскиот пленум.
Никола Крстевски, средношколец од Куманово, најави дека во четврток ќе има протестен марш и во Куманово и им порача на своите соученици од Скопје дека не се сами во борбата. Тој потенцираше и дека доколку МОН повторно ги игнорира барањата на средношколците, тие ќе ги радикализаираат своите протести со бојкот на наставата или уште еден средношколски камп.
Учениците порачаа дека ова нема да биде единствената форма на притисок која ќе ја спроведат оваа учебна година. Не ја исклучуваат можноста од бојкот на наставата, повторно кампување пред МОН како и други форми на притисок, се додека не се исполнат нивните барања.