„Знаете дека многу пријатно се чувствувам во Бугарија, но навистина како претседател на социјалистите и социјалдемократите во Македонија, овде се чувствувам како дома. Ова е нашата сестринска партија и навистина секогаш може за што да разговараме во делот на унапредување на социјалистичките и социјалдемократските вредности, толку важни за граѓаните на двете земји.
Но, дозволете прво да изразам огромна благодарност што БСП активно учествуваше во целиот овој процес на поддршка на Р.Македонија за излез од кризата. Иницијативата во Парламентот којашто беше поднесена за да се осуди насилството во македонскиот Парламент, за да се повика на дијалог и изнаоѓање на решение на маса заедно сите политички чинители и да се посака добри перспективи на Македонија, се од исклучителна важност за нас. Истовремено овде социјалистите во Бугарија во целиот овој период испраќаа позитивни пријателски пораки надевајќи се дека Македонија ќе излезе од кризата и ќе има убави перспективи.
Еве и денеска како што ја слушнавте мојата колешка, претседателката на БСП, испрати поддршка на Македонија на интегративните процеси, во интеграцијата на НАТО и Европската Унија. Јас се радувам што нашата сестринска партија, пред се и владејачките партии во државата, но и Република Бугарија како едно цело, заедно даваат огромна поддршка на Република Македонија за иднината, а посебно во делот на напредување на нашите процеси во интегрирањето на НАТО Алијансата и Европската Унија.
Во тоа име, денеска разговаравме за следните соработки. Ние потврдивме комплетно учество во иницијативите коишто БСП денеска ги отвора и на регионално ниво, но и на билатерално ниво. Договоривме најмалку еднаш да држиме билатерални конференции за да ги размениме сите неопходни искуства. Ние веруваме дека како левичари во оштеството можеме да бидеме авангардата на демократизација на партиите за да има повеќе демократија и во државата. Нивните усилби за внатрепартиско гласање се и наши усилби за внатрепартиско гласање. Директно учество на членовите во изборот на раководствата на партиите ќе значат повеќе демократија во партиите, а со тоа и повеќе демократија во државата.
Споделивме искуство коешто заедно го имаме и буквално овде на Балканот и слично, што ни се случува на изборите како левичари, кои се предностите на десничарите или слично. Уверени сме дека времето на левицата, на солидарноста, на еднаквоста, доаѓа и затоа треба лево ориентираните партии да имаат свое посебно место во иднината на перспективите на нашите земји и на нашите граѓани. Разговаравме за балканската конференција којашто како иницијатива произлегува од БСП, некаде во септември да ја одржиме токму овде во Бугарија каде што ќе ги поканиме и земјите од Западен Балкан, но и од другите балкански земји, каде што лидерите на политичките партии без разлика дали се премиери или се учесници во власта или се опозициониери, ќе можеме да разговаране за стратешките определби, за перспективите на левицита генерално на Балканскиот полуостров, низ призмата на интересот на граѓаните.
Нашите раководни структури веќе разменија и одредени билатерални искуства. Пред нас претстојат месни или локални избори, Бугарија за две години има избори за Европскиот парламент, но претстојат и локални избори исто така. Овие избори се избори на личности, на добри кандидати, каде што навистина, добриот избор на добри кандидати, многу ќе ни помогне и во поддршката на самите политички партии. Месните избори се избори на кандидати, а партиите се од секундарно значење и во тој обем верувам дека можеме многу што едни од други да научиме.
Но, како што почнав со ова обраќање денеска, така и ќе завршам. Македонија ја има Бугарија за голем пријател. БСП е наш голем пријател, посебно структурите кои произлегоа од БСП, јас мора да го истакнам и тоа, покрај партијата и претседателката Корнелија, сите заменици претседатели, раководните структури на БСП, давајќи и поддршка на Македонија, како и поранешниот претседател на БСП кој сега ја води Партијата на европските социјалисти, Сергеј Станишев, ја обедини заедно левицата на евопско ниво, помогна во прашањето за излез од кризата на Република Македонија. Оваа поддршка до нас, исто така беше од историско значење, никогаш нема да ја заборавиме и претставува само израз на градење пријателство од Бугарија, кое што преку ваквите институции, навистина пријателски помогна на Македонија на еден принципиелен начин кон државата да излезе од политичката криза во која што бевме западнати повеќе години наназад. Од оваа прес сала сакам да најавам одлични перспективи на соработка со нашата сестринска партија, преку која што верувам дека само ќе ги унапредиме севкупните перспективи на соработка помеѓу граѓаните на Македонија со граѓаните на Република Бугарија“ изјави Зоран Заев.