Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во рамки на официјалната посета на Република Косово, оствари средба со премиерот на Република Косово Албин Курти.
-Пендаровски и Курти на средбата оценија дека односите меѓу двете држави се пријателски и конструктивни и во тој контекст го реафирмираа интересот за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Претседателот Пендаровски изрази задоволство од динамиката на контакти меѓу владите на двете држави, подвлекувајќи дека истата придонесува кон градењето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово, информираат од Кабинетот на претседателот.
Двајцата високи функционери изразиле задоволство од досегашните економски релации и соработка меѓу двете држави и биле разменети мислења во однос на можностите за нивно натамошно унапредување.
-Претседателот Пендаровски посочи дека инфраструктурното поврзување и соработка во доменот на енергетиката, инвестициите и туризмот би требало да бидат во фокусот на двете држави во претстојниот период, информираат од Кабинетот на претседателот, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.
Во разговорот, претседателот Пендаровски ја повторил поддршката за евро-атлантските аспирации на Косово и нашата подготвеност за давање придонес во таа насока, оценувајќи дека како членка на НАТО, Република Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата.
-Покрај ова, соговорниците разменија мислења и во однос на дијалогот Белград-Приштина при што претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека Северна Македонија ги поддржува напорите на нашите сојузници и партнери во насока на постигнување заемно прифатливо решение, кое ќе придонесе кон зацврстување на мирот и регионалната стабилност и кое ќе обезбеди можности за натамошен просперитет на целиот регион, известуваат од кабинетот на Пендаровски.