Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски вчеравечер учествуваше на отворена трибина со граѓаните на Штип кадешто зборуваше за историската шанса пред која е исправена Република Македонија.
Од градот од кој потекнува предводникот на независна и суверена Република Македонија, токму од спомен куќата на претседателот Киро Глигоров, Спасовски на присутните граѓани им порача дека референдумот во недела е избор помеѓу напредок или изолација, помеѓу светлина или темнина.
– Да го продолжиме патриотизмот на претседателот Глигоров, да ги погледнеме во очи нашите деца и сите заедно да постапиме одговорно за нашата и нивната иднина, ние друга татковина немаме, а на оваа ЕУ и НАТО и се потребни за подобар и поквалитетен живот, порача Спасовски.
Спасовски пред присутните ги истакна сите придобивки од членството во најмоќните меѓународни сојузи, потенцирајќи дека членството во НАТО не значи само безбедност туку и економија бидејќи примерите од новите членки во НАТО покажуваат забележителни резултати на полето на економијата и странските инвестиции по влезот во НАТО. Влезот во ЕУ и влезот на пазар од 500 милиони потрошувачи, додаде Спасовски, значи шанса за сите нас и особено за младите да се истакнат и докажат на европско тло со услови како што имаат сите останати од земјите членки на европското семејство.
– На 30ти септември не е време за домашни работи, на 30ти септември е време за државни работи, за крупни работи, време е за Македонија. Да направиме се 30ти септември да биде ден за прослава, ден за гордост, ден за иднина, да им оставиме нешто на идните генерации, да ја направиме Македонија европска држава, повика Спасовски.