Почна да расправа Советот за безбедност кој го свика претседаталот Стево Пендаровски, а во врска со справувањето со ширењето на коронавирусот и за понатамошните чекори на надлежните институции. Во Советот за безбедност учествуваат, покрај претседателот на државата, и премиерот, министрите за здравство, за внатрешни, за надворешни работи и за одбрана, претседателот на Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата, како и експерти по избор на шефот на државата.
На сите нив, пред да влезат во Вилата на Водно, согласно протоколите, им беше измерена телесна температура.
Претседателот Пендаровски во петокот изјави дека смета дека се исполнети условите за прогласување кризна состојба на дел или на целата територија, но најави дека ќе ја разгледаат и можноста за прогласување вонредна состојба.
„Неколку години по ред имаме кризна состојба на јужната и северната граница. Кризна состојба се прогласува на предлог на Влада до 30 дена, а надвор од тоа Собранието може да продолжи. Ние неодамна ја продолживме таа кризна состојба на северната и на јужната граница во врска со мигрантската криза и потенцијалите таму нешто брзо да ескалира во негативна насока па да можеме да се справиме, меѓутоа можно е да се прогласи и кризна состојба во врска со епидемијата. Понатаму, постои можност за кризна состојба на цела територија поради вирусот бидејќи тоа е закана за националната безбедност. Неспорно е дека може да се прогласи и според Законот за управување со кризи. Третата варијанта, а морам да кажам дека сме многу далеку да донесеме таква одлука, е воведување вонредна состојба според членот 125 од Уставот, член кој никогаш не е активиран затоа што имало проценка дека тоа не е неопходно и која ако затреба точно ја покрива состојбата со заразни болести, односно загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем. На седницата на Советот за безбедност ќе ги разговараме сите овие опции“, рече претседателот Пендаровски во петокот.
Претседателот Стево Пендаровски закажа и лидерска средба за утре во 12 часот. Ова следува по повикот за одложување на изборите од лидерите на СДСМ, Зоран Заев и ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Освен нив, поканети се и претседателите на ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса и Алтернатива. Се очекува на истата да биде донесена одлука за одложување на предвремените парламентарни избори закажани на 12 април.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека во текот на викендот биле правени сериозни анализи во однос на одржувањето на изборите и дека се надева дека заедно со останатите политички партии ќе изградат став за одложување на изборите на 12 април, а потоа ќе се договорат за нов датум.
Мицкоски пак, рече дека нема ниту една разумна, човечка, рационална причина за изборите да се одржат во ваква ситуација.