„Рековме дека секоја следна информација ќе биде пошокантна од претходната.
Денеска ќе слушнете зошто Никола Груевски и Сашо Мијалков имале потреба да ги прислушуваат своите соработници од најтесното опкружување. Зошто токму Јанкулоска и Ставрески се најприслушуваните министри во Владата.
Од Јанкулоска и Ставрески, почитувани граѓани, ќе слушнете, дека лично Никола Груевски, дури и среде ноќ, издавал наредби на неговите министри, да работат противзаконски!
Станува збор за директиви од Груевски за незаконско подигнување милионски кредити од странство, за нелогични буџетски трошења за реклами и споменици во услови кога биле доведени во прашање: плати на администрацијата, работни места, работата на клучни ресори во државата, честа и достоинството на јавната администрација, народот и државата.
Ова се признанија лично од вицепремиерот за финансии Ставрески и министерката за внатрешни работи Јанкулоска, што ќе потврдат за `се што предупредувавме: за хаосот во Буџетот и колапсот на економијата во Македонија, за апсурдни трошења пари на граѓаните, овие разговори ќе потврдат дека е фалсификувана вистината за економската состојба во државава.
Сето ова се правело по налог на еден човек, премиерот Никола Груевски.
Разговорите помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се во периодот на Ребаланс на Буџетот за 2012 година и проекции на Буџетот за 2013 година, но и за Буџетот за 2014 година. Овие разговори разјаснуваат зошто била нервозата кај власта и посебно на Јанкулоска и Ставрески кога беа исфрлени новинари и пратеници на опозицијата надвор од Собранието и зошто Буџетот за 2013 година требало да се донесе зад затворени врати.
Во првиот сет од 4 разговори помеѓу Јанкулоска и Ставрески, ќе слушнете дека:
- Приходите се катастрофа,
- Како самиот Ставрески констатира дека е “трагедија“ што се даваат пари за споменици, додека полицајците, како што вели Јанкулоска, спијат на железни кревети, се покриваат со ќебиња од ЈНА,
- Како Ставрески лично критикува дека Груевски неразумно бара 100 слики за музеј
- Или 300 – 400 милиони евра за згради и споменици, наместо за реални потреби, за коишто нема пари. Тука ќе слушнете и за нешто друго, признание на Јанкулоска дека полицијата тепала на протестите пред општина Центар и како таа морала да “менаџира“ оправдувања пред евроамбасадорот Орав.
Почнуваме со ред, од првите 4 снимки. (снимки 1, 2, 3, 4)
Следните два разговора откриваат:
- Како Груевски среде ноќ нарачувал кај Ставрески противзаконско подигнување кредит од 700 милиони евра, како Груевски, како што вели Ставрески, е “човек кој изгубил контакт со реалноста“
- Како, замислете, Ставрески одбил пари од ИПА фондовите на ЕУ за да ги сокрие долговите на државата. “Сакаат да ми влезат во трезор да ми копаат (заостанати долгови)“ , вели Ставрески, како да се работи за негови пари, а не за пари на граѓаните на Македонија.
Еве ги тие снимки. (снимки 5, 6)
Во следните два разговора меѓу Јанкулоска и Ставрески:
- Вицепремиерот за финансии признава коруптивен скандал направен од битолскиот градоначалник Владимир Талески, за кој вели дека е “тежок криминалец“, Јанкулоска признава дека низ скопскиот градоначалник, Коце Трајановски поминуваат “матни работи.“
- Тука ќе слушнете лично од кумот на Груевски и министер Зоран Ставрески, како на Груевски му се приоритет личните врски, како дури од пат од Турција прво што се интересирал била навреденоста на поранешниот директор на Зоолошката градина и Лотарија на Македонија и близок пријател на Мијалков и на Груевски, Дане Кузмановски.
Слушнете. (снимки 7, 8)
Во последен сет од три разговори, почитувани граѓани, ќе слушнете:
- Како Ставрески признава дека долгови се трупаат, а се мисли само на блиски бизнис партнери до Груевски и Мијалков, како фирмата Бетон…
- Како Јанкулоска признава дека Груевски бил “забеган“
- Како Јанкулоска и Ставрески самите констатираат дека ова што се прави во Македонија со неразумните задолжувања, не постои во ниедна нормална држава во светот!
Слушнете ги последните три разговори во оваа прес конференција. (снимки 9, 10, 11)
Овие признанија се само мал дел од разговорите меѓу Ставрески и Јанкулоска. Има уште многу. Овие 11 разговори од денеска доволно потврдуваат за хаосот во Буџетот и за катастрофалната економска состојба во којашто се наоѓа Македонија, рече претседателот на СДСМ“, Зоран Заев.
„Овие 11 разговори, целосно ја симнуваат маската на Никола Груевски – каква држава е Македонија.
Ако толку им било неиздржливо на Јанкулоска и Ставрески во Владата на Груевски, зошто не си заминале? Затоа што Груевски и Мијалков ги следеле, знаеле што зборуваат, имале со што да ги уценуваат да останат во Владата?! Но, тоа е потег што секогаш може да го направат.
Шилото на Вистината за Македонија, почитувани граѓани излезе. За местени апсења, рушења објекти и човечки судбини, на цели семејства на неистомисленици и политички противници, за одржување послушност кај своите и притисоци врз граѓаните за лични цели, ете сето тоа Груевски и Мијалков го правеле преку противуставните и противзаконски скандалозни прислушувања.
Се ќе откриеме до крај. Ова зло што го нанеле и го нанесуваат Никола Груевски и неколку соработници околу него, никогаш повеќе да не се повтори“, изјави Заев.