Кампањата на Град Скопје за бесплатно чистење на стрништата се ближи кон крајот и досега бележи одлични резултати. За интересот на граѓаните за оваа активност и за идните чекори што ќе ги преземе Град Скопје за борба против загадувањето на денешната прес-конференција зборуваа градоначалникот Петре Шилегов, Џеф Ли од невладината организација МДЦ-Ти.Нет и Мирослав Богдановски, раководителот на Секторот инспекторат на Град Скопје.
– На видеото од мојата лева страна можете да видите колку многу чад предизвикува само еден кубен метар запален отпад по берба на земјоделските производи. Можете ли да замислите колку чад ќе предизвикаат 600 кубни метри запален отпад? Кампањата на Град Скопје за бесплатно чистење на стрништата, поддржана од УНДП и МДЦ-Ти.Нет, се ближи кон крајот и со гордост можам да кажам дека до овој момент бележи одлични резултати. Во периодот од 20-ти август до денеска бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје имаат побарано над 120 жители на нашиот град, при што подигнати се, а со тоа е спречено палењето на 600 кубни метри отпад – нагласи Шилегов.
Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која почна кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.
– Постигнатиот резултат во оваа кампања не охрабри кампањата да ја повториме и наредната година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Очекуваме Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури. Во таа насока очекуваме и Скопскиот плански регион масовно да се вклучи во кампањата.
Сакам да упатам голема благодарност до жителите на Скопје кои покажаа висок степен на свест во однос на штетноста на оваа појава и ја искористија можноста да добијат бесплатно подигање на отпадот од бербата. Голема благодарност за поддршката и до УНДП и МДЦ Ти.Нет кои многу ни помогнаа, особено во делот на подигањето на јавната свест и едукацијата за штетните последици од палењето стрништа. Воедно им благодарам за логистичката поддршка и на вработените во јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ кои вложија голем дел од својот човечки и технички потенцијал во реализацијата на оваа кампања – рече Шилегов.
Тој додаде дека ова е една од оние кампањи кои најдобро покажуваат дека само со заеднички сили можеме да успееме во борбата за чиста и здрава животна средина во нашиот град. Шилегов изрази уверување дека наредната година оваа кампања ќе наиде на уште поголем одѕив кај граѓаните и на тој начин во голем дел ќе се намали аерозагадувањето и ќе се превенира евентуалното ширење на пожарите.