На 15 јули изборот е едноставен, изборот е помеѓу повисоки плати за сите или богатење на неколкумина околу Груевски, порача од Кичево Радмила Шекеринска. На граѓаните им посочи дека бираат помеѓу рекорден износ на странски инвестиции – и инвеститори од типот на Субрата Рој и помеѓу 777 нови социјални станови или скапи кредити земени за да се финансира стиропор и кич.
„ На 15 јули граѓаните ќе изберат минималната плата да изнесува 20 000 денари, просечната плата да порасне до 34 000 денари, пензиите да продолжат да растат и ниту една пензија да не биде пониска од 10 700 денари. Граѓаните ќе изгласаат да се зголеми прагот на поврат на ддв – то од 7200 ден за секој граѓанин на годишно ниво на 9600 денари.На 15 јули граѓаните ќе гласаат и за зголемуваање на субвенциите од 160 милиони на 200 милиони евра за развој на нашето домашно земјоделие. Градиме 260 километри автопати, 300 км експресни патишта и 950 км локални патишта низ цела држава. 2,5 милијарди евра од европските фондови – ова ќе бидат европски пари кои ќе ни ги донесат европските стандарди дома“, рече Шекеринска.
Таа најави грантови до 15 000 евра за млади и за жени, да отворат сопствени фирми, да создаваат нови работни места и да донесат повеќе пари дома како и повисока социјална помош за 34000 семејства, и детски додаток кој ќе опфати 65 000 деца во цела држава.
„ Невработеноста ќе продолжиме да ја намалуваме за 3 проценти секоја година се додека таа не добие едноцифрена вредност. Ќе покажеме што значи економски патриотизам на дело и како вистински се сака татковината“, рече Шекеринска и најави 1 милијарда евра странски инвестиции за следните 4 години.