ВИДЕО: Шекеринска на новогодишна средба со семејствата на мировниците на АРМ во Авганистан, Либан и БиХ

Од:

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски денеска имаа предновогодишна средба со семејствата на припадниците на АРМ кои во моментов се дел од мисиите на НАТО, ООН и ЕУ во Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина, а беше воспоставен и видео-линк со македонските мировници во овие мисии.

„Оваа година беше многу важна за Македонија, за Министерството, за Армијата. Имавме огромен број средби, а за прв пат во нашата историја ни се случи генерален секретар на НАТО два пати да ја посети Македонија… Меѓутоа ако ги анализирам сите средби кои имав чест да ги имам како министер, најголем впечаток ми остави посетата на вашите најблиски во Кабул, а средба во која што сите сме можеби најемотивни е денешната, каде што многу конкретно гледаме колку сè ризикуваат и од колку сè се откажуваат вашите најблиски“, рече министерката Шекеринска пред семејствата на мировниците.

Шекеринска истакна дека семејствата на мировниците во Министерството и во Армијата секогаш ќе имаат адреса и луѓе на кои можат да се потпрат.

„Центрите за транзиција кои веќе постојат во Армијата и Министерството за одбрана, ќе направиме да бидат центри за прва поддршка на сите семејства и затоа денеска кога ќе заврши убавиот, ќе продолжи корисниот дел од средбата каде што ќе разговарате со колегите од Министерството и АРМ како семејствата да бидат повеќе помогнати додека вашите блиски се надвор, во мисија. Ние сме свесни дека за еден татко или мајка, сопруг, сопруга, син или ќерка да може спокојно да врши многу тешка работа, прво што треба да му помогнеме е да не се грижи за своите најблиски“, рече Шекеринска.

Генералот Ѓурчиновски им оддаде признание на македонските мировници за професионализмот и резултатите постигнати во мировните мисии. „Продолжете достоинствено и мотивирано да ги претставувате интересите на нашата земја и бидете горди дека овој историски момент во кој Република Македонија е на прагот на влезот во НАТО-Алијансата“, рече началникот на ГШ на АРМ.

Преку видео-линкот, најстариот претставник на македонскиот контингент во Авганистан, полковникот Љупчо Јовановски порача дека сите припаднци на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ се здрави и живи, и задоволни што ја имаат можноста да ги видат своите најблиски. Полковникот Јовановски, како и мировниците на АРМ во Либан и во БиХ, мајорот Атила Аго и мајорот Маријан Златановски им ја честитаа новата година и претстојните празници на семејствата на сите мировници во мисиите во Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина.

По средбата, стручни лица од Министерството и Армијата разговараа со семејствата на мировниците, им дадоа поддршка во делот на функционирањето на семејството во отсуство на еден родител, како и обединувањето на семејството по враќањето на мировникот од мировна мисија, а го презентираа и Правилникот за начинот на грижа за семејствата на воениот и цивилен персонал упатен во активности надвор од нашата држава.

Најмладите, децата на мировниците, беа среќни од присуството на Дедо Мраз, кој им подели новогодишни пакетчиња.

Би можело да ве интересира

Отворен ден на АРМ по повод годишнина од членството на Македонија во НАТО

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Власта да ја стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери во изборен период

Отворен ден на Армијата по повод четири години од членството во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата

Армијата за 230 милиони евра ќе се опреми со осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“

МО: Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација НСПВ

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

Горан Наумовски