Коалиционите партнери или првите луѓе во владеачката коалиција како да решиле да не делат заедно. Како резултат на таа политика на делби, на кавги, на конфликти, на борба за живот или смрт, секој ден Македонија добива нови лоши вести, рече Шекереинска на синоќешната трибина на СДСМ во Охрид.
Вчера беше донесен уште еден сличен заклучок на земјите членки на Европската унија. Ни кажаа вест на којашто веќе се навикнавме. А тоа е дека уште 12 месеци, ќе поминеме во европската чекалница. Ниту е прв, ниту е втор, ниту е трет пат. 9-та година веќе Македонија не може да мрдне ни еден чекор, понапред од таму кадешто, нашата Влада ја остави државата.
Замислете, денеска Македонија го губи чекорот со сите свои соседи. Ако претходно велеа Хрватска и Македонија или Македонија и Хрватска, денеска Хрватска е членка на Унијата. Има пратеници во Европскиот парламент, одлучуваат за нас, има Комесар во Европската комисија ќе влијае на одлуките за Македонија. Ако после тоа велеа еве и Црна Гора им се приближува, Црна Гора која не беше ни држава кога ние станавме земја кандидат, денес Црна Гора отвора нови и нови поглавја во преговорите. Македонија е уште на истото место. Србија стана кандидат, Србија ги почнува преговорите. Македонија е сеуште на истото место.
9 години да не успееш да направиш ниеден чекор за целта која не обединува сите во Македонија. Затоа што сите не сакаме да станеме членка на Европската унија не само заради политичкиот успех туку затоа што знаеме дека тоа е подобар живот, подобра социјална заштита, подобра здравствена заштита, подобро образование, повеќе шанси за работа. Македонија секој ден ги губи своите млади, па веќе и не така млади, со бугарски пасоши, со туѓи пасоши, сите заминуваат во тие, земји членки на унијата. Е тоа покажува колкав неуспех, се наталожи на плеќите на Груевски и таа мала клика околу него што ја држи сета власт во Македонија.
Нашата задача не е само да кажеме дека состојбата е лоша, наша задача е да ги убедиме граѓаните дека може и мора подобро. Затоа поставивме 5 барања за слободни медиуми, за двоење од државата од партијата, за попис, за нов изборен законик и избирачки список во којшто нема луѓе коишто 20 години заминале од државата преку ноќ да се појават и да гласаат. И најважно од се барањето за техничка влада.
Ние сме тргнати во оваа битка и не се откажуваме затоа што искрено веруваме дека оваа наша држава плаче за нешто различно, плаче за нејзината судбина да одлучуваат граѓаните а не тие што имаат фабрики за пасоши. Да одлучуваат гласачите а не полицијата во која политичарите го превземаат главниот збор.