Пакети со хигиенски влошки, кои граѓаните ги донираа денеска на собирен пункт во „Веро Центар“, ќе бидат поделени на жени и девојчиња од сиромашни семејства. Наташа Дуковска од невладината организација „Новинари за човекови права“, која ја организираше акцијата, ја повика бизнис-заедницата да помогне со тоа што секој месец ќе одвојува 1% од својот профит за хигиенски влошки за социјално загрозените девојчиња чии родители не можат да си дозволат да им купат средства за менструална хигиена.
„Загрижувачки е фактот дека овие жени и девојчиња наместо влошки, користат стари весници или стари крпи. Не можеме да си дозволиме во 21 век да постои ваква појава. Преку денешната акција и преку проектот сакаме да ја подигнеме свеста не само кај граѓаните туку и кај бизнисмените да донираат не во пари, туку во хигиенски влошки за социјално загрозените жени. Идејата е овој проект да биде одржлив и секој месец до 2023 да им се донираат пакети на девојчињата кои се во образовниот процес, да го поминат менструалниот период достоинствено и без проблеми“, рече Дуковска.
Според истражувањата на оваа организација, дури 90% од девојчињата од руралните средини за време на менструалниот период не одат на училиште, затоа што немаат средства за одржување хигиена.
„Едукацијата е иднината на сите наши деца и не би требало во 21 век девојчињата да отсуствуваат од училиште поради хигиенски потреби. Среќни сме што сме дел од овој проект кој ќе помогне децата да не се срамат и достоинствено да одат во училиште“, рече амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, која даде поддршка за проектот за едукација и донација на средства за менструална хигиена.
Акцијата, како што вели кординаторката на проектот, Наташа Дуковска, следи по истражувањето кое покажало дека 15% од 400 илјади жени во репродуктивниот период немаат пари да си купат влошки.