„Волонтерството стана начин преку што власта на Никола Груевски има на располагање евтина работна сила за околу 4 000 денари.
Во Клиничката болница во Штип околу 50 волонтери работат како лекари, медицински сестри, болничари, хигиеничари“, изјави на денешната прес конференција, Владимир Милошев, претседател на ОО СДСМ Штип.
„Болницата е толку зависна од волонтерите, што ако еден ден не дојдат на работа, нема да може да функционира. Често се случува наместо вработените, волонтерите да дежураат во ноќните смени.
Некои од овие наши сограѓани, волонтираат веќе неколку години, за 4 500 денари месечно, а работат како да се вработени во болницата.
Работењето со волонтерски договор го започнале со надеж дека еден ден ќе добијат редовно вработување.
Но, наместо вработување, во болницата тие се експлоатирани преку договорите за волонтерство.
А не смејат да ги бараат своите права затоа што работат под притисокот дека може да ги загубат и тие 4 500 денари што ги примаат. Надлежните во болниците им се закануваат дека ќе најдат други кои ќе работат под истите услови и дека слободно можат да си одат ако не се задоволни.
Укажуваме дека Законот за волонтерство, во членот 23, предвидува казна во висина од 1 500 до 2 000 евра, доколку организаторот на волонтерската работа склучи договор со волонтерот со цел да избегне склучување договор за работа.
Договори за работа за испразнетите работни места не се склучуваат бидејќи Министерството за финансии не одобрува парични средства за тие вработувања.
Постои голем недостаток на медицински персонал во болницата и овој проблем мора да се реши.
СДСМ бара од надлежните институции да не ги злоупотребуваат волонтерите туку напротив во интерес на овие луѓе и на пациентите, проблемот да се реши. Тоа е можно ако за почеток власта се откаже од задолжувањата на граѓаните за фонтани и барокни згради“, вели Владимир Милошев, претседател на ОО СДСМ Штип.