(ВИДЕО) Протест против извршителите: Ако Владата не ги реши, сами ќе се справиме

Од:

Стотици граѓани изгорени од извршителите денес на протест го искажаа револтот од законската пљачка што им е направена. Првомајската скара ја заменија со мирен марш од МРТВ до Влада со кој бараат итно одблокирање на неуставно блокираните сметки, измени на Законот за извршување кои нема да бидат само шминка и враќање на извршителите во рамки на судовите.

Демонстрантите пред Влада на разглас пуштија аудиоснимка од ветувањето на премиерот Зоран Заев пред изборите дека ќе ги укине извршителите оти на народот само душата му останала за да го потсетат дека се уште не го исполнил ветеното.

„На денот на трудот, на Први мај се собравме Конфедерациата на независниот синдикат на Република Македонија и уште три граѓански здруженија со цел промена на Законот за работни односи и промена на Законот за извршување. Не сме задоволни од двата закона. Посебен мотив денеска е законот за извршување каде штоп се опфатени сигурно над 100.000 луѓе од Република Македонија, над 50.000 луѓе се блокирани. Итно бараме одблокада на трансакциските сметки на физичките лица на Република Македонија бидејќи ова е вистински геноцид врз народот. Луѓето не можат да си ги извадат своите пари, живеат од денес за утре. Втора мерка која ја бараме е буквална промена на Законот за извршување, а не шминкање на веќе постојниот Закон кој е противуствен, нечовечки, кој им одзема живот на луѓето бидејќи одзема цела третина од плата или пензија, а знаеме колку се просечните плати и пензии во Република Македонија. Третото барање е да се вратат извршителите во рамките на судската власт бидејќи досега беа во рамките на извршната власт и стана тешки капиталисти. Овде сме да го означиме почетокот на класната борба, да ја потенцираме класната борба, бидејќи навистина се создадоа големи класни разлики. Од една страна вистински пребогати капиталисти од друга страна огромна бројка на луѓе екстремно сиромашни, под прагот на европска сиромаштија и стандард “, порача Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.

Протестот против извршителите го поддржа Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија. Претседателот Марјан Ристевски побара Владата да го реши проблемот со извршителите за да не почне народот да го решава со свои методи. Тој им порача на политичарите дека е крајно време да почнат да ги почитуваат работниците и нивните права.

„Немаме намера да потпишуваме срамни колективни договори. Ако треба ќе се бориме до бесвест, ќе преговараме и дење и ноќе, ќе го потпишеме колективниот договор само тогаш кога ќе ни ги гарантираат работничките права, кога ќе го ценат работничкиот труд. Од овде им порачувам и на извршителите, почнувајќи од денеска, нема повеќе да работиме, нема повеќе да дозволиме ни денар да земат од нашата плата. Ние работниците работиме чесно, чесно си ја заработуваме платата и таа е за хранење на нашите семејства, немаме намера ни денар повеќе да дадеме од нашиот труд за туѓи фамилии. Извршителите се најголемото зло кое е случено во Македонија. Некој им дозволи. Ќе им застанеме на патот, јавно им порачувам, не им се плашиме. Апел до Владата, да ги доведат во ред, да донесат закон кој што е правичен, во спротивно од овде порачувам доколку вие не ги средите, ве уверувам дека ќе почнеме сами да се пресметуваме со нив. Начинот каков ќе биде, ќе ви го соопштиме. Со нивната досегашна политика дозволија Македонија, македонските граѓани, младината секој ден да прави егзодус. Мора тоа да го сопреме. Мора Владата да бира дали стотина извршители или стотици илјади млади. Се надевам ќе ја одберат правата страна“, порача Ристевски пред Влада.

За време на говорите се слушаа аплаузи од насобраниот народ, во еден глас се извикуваа „лопови, лопови“, се слушаа свирежи при секое спомнување на Владата, а демонстрантите носеа транспаренти со различни пораки преку кои се обраќаат на властите.

Граѓаните искористија дел од вниманието на медиумите за да си ги раскажат маките со извршителите. На протестот секој имаше различна приказна, но насекаде се слушаа огромни суми наспроти минорниот реален долг.

„Од 2010 до 2017 година јас сум социјален случај. Од 2010 година, самиот го откажав парното. Ми доаѓаше сметка од 600 денари. До 2017 година не плаќав. Сега сум во пензија и ми ја блокираат сметката. За три месеци јас плаќам по 9.800 денари, една третина ми одбиваат. Една година има четири рати, по 9.800, колку е тоа? Цел живот треба да се плаќа. Оваа држава не била и нема да биде. Сум бил и социјален случај, 1100 денари, кога стигнав до 2200, отидов во пензија. Сега треба да ги плаќам тие сметки. Народот треба да се освести, треба сите да излезат на протест. Мечката игра кај мене, а може утре и кај комшијата ќе почне. Ние не сме народ, ние сме еден прост народ. Бев во Бугарија во 2013, кога се покачи струјата, сите излегоа. Дури амбасадорот кој беше во Бугарија, Александар Јорданов, го гледав таму. Е тоа е граѓанска држава, а ние партиска“, вели пензионер кој денес маршираше од МРТВ до Влада оти нема како поинаку да се пожали од големите давачки.

Глигорова протестот против извршителите го заврши со најава за следните чекори.

„Утре ќе предадеме скица за новиот предлог закон за извршување, плус ќе побараме од Владата на Република Македонија на чело со премиерот Зоран Заев, со одлука на Влада да се прекине со блокирање на сметките на граѓаните и да се направи ревизија на сите извршните одлуки од кои повеќето се криминални. Тука постои спрега банки, извршители, нотари и доверители. Под итно бараме ревизија“, рече Глигорова.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Автобусите во Скопје денеска сообраќаат по неделен возен ред

А1он

Внимателно со палењето оган на отворено, апелира ЦУК

А1он

Првомајскиот протест ќе биде со барања упатени до новата влада

А1он

ОЈО Кичево ќе вложи жалба за определената мерка претпазливост за извршителката за Кичево што нападна новинар и полицаец

Комората на извршители го осудува попречувањето на извршувањето спроведено од извршителката Јакимовска од Гостивар

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат