Активисти од Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата, од невладини организации и граѓани, утрово 15 минути го блокираа влезот на Основно јавно обвинителство со цел да го свртат вниманието на јавноста кон нееднаквиот пристап кон правдата, особено за луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет, имајќи ги предвид неколкуте нерасчистени напади врз членови на ЛГБТИ заедницата.
– Гласањето за уставниот амандман за дефинирање на бракот исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена, во услови на политичка криза, кога опозицијата е надвор од парламентот, кога има бројни прекршувања на уставот, што стана практика во последниве месеци и го деградираше на нив на парче тоалетна хартија. Кога имаме 25 проценти сиромаштија, 30 отсто невработеност, кога нижеме неславни рекорди во повеќе области, како слобода на медиуми и ниво на мизерија, ауште повеќе кога ЛГБТИ лицата во Македонија се изложени на напади и физичко насилство, случаи кога повеќе од 2 години стојат без никаква разрешница од страна на надлежните органи, полицијата и Јавното обвинителство, е повеќе од апсурдно, гротескно и неинтилегентно. Јас би сакал да му порачам на предлагачот на измените и на пратениците дека оваа битка им е однапред изгубена, затоа што нас не’ има насекаде, нас не’ има правници економисти, адвокати бизнисмени, политичари, продавачи на пазар, чувари, уметници, професори, студенти. Нас не’ има Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, нас не’ има стари и млади. Историјата сведочи дека правдата секогаш била на страната на обесправените.
Нашите победи колку да се мали и нечујни се од колосално значење затоа што тие сцедочат за енормните количини на гнев, бес, на револт, на лутина, на страв, на срам, кои ние ги имаме почувствувано. Тие ги симболизираат нашите болки, нашите трауми, нашите повреди кои ги имаме искусено. Ќе дојде ден кога ваквите политики на исклучување, опресија и дискриминација на угнетување, на уценување и заплашување ќе бидат срушени еднаш засекогаш, ќе дојде денот кога ние – граѓаните ќе победиме!, рече Антонио Михајлов
ЛГБТИ заедницата ги праша Владата и Собранието: кој е тука под закана? Дали тоа е бракот како институција кој е загарантиран со закони и подзаконски акти или тоа се ЛГБТИ луѓето кои секојдневно живеат во постојан страв од насилство и во услови на неказнивост на насилниците? Дали бракот е тој кој е маргинализиран, кој како институција е заштитен не во еден, туку во два закони (Законот за семејство и Законот за спречување и заштита од дискриминација) или маргинализирани се ЛГБТИ луѓето кои практично не постојат пред законите?
– Министерот за правда, во неколку наврати рече дека во целост се испочитувани забелешките на Венецијанската комисија во однос на амандманите кои се однесува на бракот, семејството и вонбрачната заедница. Кога станува збор за амандманот 33 – тоа едноставно не е вистина.
Никаде не пишува дека подигнувањето на оваа заштита на уставно ниво е правно целосно непотребен чекор, како што рече Венецијанската комисија, ниту пак дека истополовите парови треба да се регулираат со посебни закони. Формулацијата на амандманот не само што не е во согласност со забелешките на Венецијанската комисија, туку само ги зацврстува веќе постоечките дискриминирачки закони, исклучувачки закони во македонскиот правен систем. Владата сака да воведе материја за која не е дискутирано и е правена според сопствените политики. Истите пратеници сега немаат против овој дискриминирачки закон, рече Павле Богоевски од НМХТ.
Протестот го поддржаа и претставниците на платформата за граѓанска политика АЈДЕ!.
А.Б.