Околу педесетина граѓани денеска протестираа пред фабриката Железара која е во сопственост на бизнисменот и кандидат за пратеник Минчо Јорданов.
Револтирано жителите на околните населби Железара и Автокоманда се пожалија дека не можат веќе да живеат покрај оџаците на Макстил кои ги трујат секојдневно.
Здравствени проблеми чувствувале постарите лица, а сега симптоми од како што велат екстремното загадување почнале да покажуваат и најмладите, нивните деца.
„Дојдете навечер да видите што е загадување, ноќе е ужас“, велат граѓаните.
Едногласно рекоа дека не сакаат да им се лепат партиски етикети оти протестот е да се разбудат властите и да нема одлагање на роковите за поставување филтри на оџаците. Посочија дека доколку бидат игнорирани толку повеќе ќе расте револтот и незадовоството кај нив.
Крајно неподносливо било после 19 часот кога оџаците на фабриката на Минчо Јорданов почнувале неконтролирано да чадат. Не смееле да отворат прозор, а хронично болните останувале дома.
„До седум часот нема ништо потоа ноќе работат, не смееме прозор да отвориме, црнило по прозорите“, се пожали еден граѓанин.
„Дишеме отров и никој не презема ништо. Веќе не може да се дише“. „Јас не можам да сфатам човек кој се кандидира за пратеник а го труе сопствениот народ“, кога веќе има пари да инвестира во спортот, нека не не’ труе нас и спортистите“. „Ако мисли дека Минчо може да направи болница и потоа да не лечи – се излажал“, беа дел од пораките на граѓаните.
Дел од граѓаните прашаа како Јорданов вложува во спортот, а спортистите и фановите на клубот ги труе со оџаците на неговата фабрика. Главната порака од протестот беше, дали профитот е поважен од здравјето на цело Скопје.
Најавија дека доколку продолжи труењето од Железара протестите ќе се радикализираат, а на следниот собир најавија дека ќе имаат далеку повеќе граѓани кои поради обврски не успеале да присуствуваат на протестот денеска.
Б.С.