ВИДЕО: Пожарот изгоре сè, ѝ остана само една кеса во рацете

Од:

Една кесичка во која ѝ стои мобилниот телефон е сè што сега поседува 58-годишната Милена Стевчевска од чиј стан пред десетина дена се прошири стравотниот пожар во зградата во близината на Расадник, Кисела Вода.

„Не сакав да се одвојам од дома кога избувна пожарот. Не можев да сфатам дека за толку кратко време може сè да изгори. Сега сум само со оваа кеса и паричникот што ми го купи ќерка ми. Излегов од домот само со едни папучи и ова што го носам на себе“, вели таа плачејќи.

Во станот, кој е целосно уништен, Стевчевска влегува вторпат по пожарот. Ниту знае како ќе го реновира ниту како ќе преживува и каде воопшто ќе живее во иднина. Од институциите се чекаат одговори, а од граѓаните помош.

Сопругот на Милена е починат во далечната 2002 година и оттогаш е самохрана мајка на две ќерки. Зема пензија од девет илјади денари, која ја наследила од сопругот, и тоа е целиот нејзин месечен приход. Парите не ѝ стасувале ни додека имала покрив над главата, а уште помалку сега кога пожарот, за кој сè уште не е утврдена причината, проголта сè што имала.

За „А1 он“ таа раскажува што се случило на кобниот ден и како за секунда го изгубила домот во кој живеела од 1983 година.

Иако пожарот почнал од нејзиниот стан, штета претрпеа многу луѓе од соседните станови. Двата влеза во зградата веќе десетти ден немаат струја. Мирисот на чад сè уште се чувствува уште пред да се влезе во објектот. Комплетно се изгорени уште неколку стана на истиот и на катот над Стевчевска.

„Им велам, поради мојот стан, сега сите вие страдате и живеете во оштетени станови. Со ноќи не можам да спијам од гризење на совеста“, вели таа.

Додека екипата на „А1 он“ снимаше, Стевчевска се сретна со еден од соседите чиј стан настрада во пожарот и сега тој и неговото семејство се преселени да живеат под кирија. Првпат се среќаваат по кобниот ден на 10 јуни.

„Го реновиравме станот пред 2 години, а сега целиот изгорен мебел го фрлам низ прозорецот. Сè ни се смени за една секунда“, рече тој, но сепак ја гушна Стевчевска и ѝ рече: „Не секирај се, да немаш гризење на совеста. Битно е ти да си здрава и жива“.

Двајцата заплакаа.

Стевчевска во станот живеела со ќерка си, золвата и внукот, кои во тој период биле надвор од земјава. Таа вели дека во еден момент во станот снемало струја, а кога влегла во собата на внукот, видела како гори креветот. Не е задоволна од брзината на противпожарните екипи.

„Тоа горе гореше, а тие дојдоа и не мрдаа. Им сметале паркираните возила, не можеле да пријдат. Дури потоа разбрав дека дошле неподготвени и помина речиси цел час додека да се организираат“, вели Стевчевска.

Оваа жена сега живее во малиот стан на другата ќерка, а надлежните ѝ ветиле дека ќе добие сместување во студентскиот дом „Пелагонија“, но засега од ова ветување нема ништо.

Таа очајно бара помош од граѓаните за да може да го преживее периодот што следува. Стевчевска нема никаков документ за лична идентификација бидејќи сè изгорело во пожарот, па апелира секој што може да уплати барем минимални средства на жиро-сметката на ќерка ѝ:

Ирена Стевчевска

Сметка: 210501593318751

Тутунска банка

Со назнака: Донација за Милена Стевчевска

Би можело да ве интересира

Локализиран e пожарот во туристичката населба Абланица во Берово

(ВИДЕО) Пожар уништи зграда во изградба во Русија за само 20 секунди

ЦУК се справи со пет пожари на отворено во едно деноноќие

А1он

(ВИДЕО) Гори полициска станица во Лондон, пожарот го гаснат 175 пожарникари

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Голем пожар во Саутемптон, клубот го одложи вечерашниот натпревар

Се запали стан во Скопје, опожарени се и неколку други станови