Државата одлучи да ги урне бараките на социјалните случаи, па така тие ќе останат без покрив над главата. На местото на бараките ќе се гради трговски центар, а жителите на тој дел од скопската населба Бутел велат дека сега остануваат на улица.
-Еднаш живеевме во друга барака, од таму не уриваа, ќе не фатеа сосе барака. Маж ми е болен, јас не работам, децата не ми се пријавени. Без ништо сме дома, молиме да помогне некој, никој не помага. Ништо не ни даваат. Имам документи, ама социјално не земам, ни викаат дека не треба. Вчера спиевме во парк, пак ќе спиеме во парк вечерва, по соседите бараме вода да се избањаме, вели Фирдез Исеновска.
Вчера им ги исекле околните дрвја, а утрово ги разбудиле багери и камиони, а на социјалните случаи им било кажано дека веднаш мора да ги напуштат некогашните општински бараки на Бутел, во кој тие досега живееле.
Ниту министерството за труд и социјална политика ниту општината не кажуваат зошто се срушени бараките и каде ќе живеат шесте социјални случаи по вторник, до кога им е даден рок да се иселат.